Ќе има амнестија за Василевски, Мукоски и Арнаудов
Пратениците Сашо Василевски, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов ќе бидат ослободени од обвинението за „крвавиот четврток“ на 27 април во Собранието, откако е објавено дека е изготвен Предлог-законот за амнестија, според кој нема да има „помилување“ за директните учесници во насилството и за оние кои го нарачувале и координирале.
Според Зекир Рамчиловиќ, од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, кој ја предводи оваа подгрупа, постигнат е консензус по ова прашање и подгрупата за помирување во Собранието денеска ќе го достави Предлог-законот до копретседавачите на Комисијата, за тој што побрзо да биде донесен.
Според Предлог-законот нема да има групи кои ќе подлежат на амнестија или не, туку ќе се „скенира“ секој поединечен случај.
-Сите лица опфатени со овој судски процес ќе треба поединечно да поднесат барање за амнестија, посочи Рамчиловиќ.
Интерпарламентарната група за интеграција и помирување денеска треба да го разгледа законското решение кое треба да се донесе по скратена постапка.
Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски и Сашо Василевски се првите тројца од шестмината пратеници кои добија решенија за изречена мерка притвор. точно пред една година, а потоа им беше укинат куќниот надзор за да може да гласаат за отворање на уставните измени во октомври.