Ќе им се гледа на сајт колку трошат владините функционери
Во обид да се спречи на прикриен начин да се трошат државни средства за луксузирање и злоупотреби на владини функционери, Владата донесе одлука за јавно објавување на сите службени трошоци кои ги прават министрите па така граѓаните, новинарите и јавноста ќе има можност постојано да гледа колку пари тие трошат од државниот буџет.
„Во согласност со начелото на владата за транспарентно и отчетно трошење на државните средства на седница се донесе одлука со која се задолжија министрите, замениците на министри, државните секретари и генералниот секретар да достават информации за службените трошоци направени во рамките на предвидениот буџет во првите шест месеци од преземањето на функциите. Праксата да се доставуваат службените трошоци во блиска иднина ќе се однесува и на сите останатите носители на јавни функции. Со оваа одлука Владата на Република Македонија, го задолжи Секторот за односи со јавност во Владата на РМ, да изработи софтверско решение за прикажување и визуализација на службените трошоци и истото да го постави на официјалниот сајт на Владa на Република Македонија“ стои во владиното соопштение.
Токму преку информации добиени со службено барање за претходни министри се откриваше дека се гоштевале со ексклузивни јадења по најскапите ресторани, дека оделе на шопинг во најскапите модни брендови и престојувале во хотели со 5 ѕвезди како да се аристократи, а не јавни службеници.
Затоа е потребно трансперентен приказ не само на вкупно потрошените средства за секојдневни активности на владините функционери и службени патувања, туку и јавен приказ на поединечни ставки на трошоците за јавноста да знае за што се плаќаат државните функционери со народни пари.
