Ќе го обели ли образот на Зајас новиот избирачки одбор?
Поставен е нов избирачки одбор на гласачкото место во Зајас каде што во првиот круг од претседателските избори било утврдено дека гласале 297 гласачи за два часа, односно во просек на секои 24 секунди, што Државната изборна комисија го оцени како невозможно.
Од општинскиот изборен комитет на Кичево сепак велат дека се изненадени од оваа одлука на ДИК, бидејќи ниту во записникот на избирачкиот одбор, ниту од страна на посматрачите, имало некакви забелешки за изборни нерегуларности.
– И ние како општинска изборна комисија бевме изненадени од информацијата што ни беше доставена за големиот број гласачи за кус период, на избирачкото место 0816 во село Зајас. Бидејќи ниту во записникот од комисијата од ова гласачко место, ниту од посматрачите присутни на истото, не постоеше никаква забелешка за можни нерегуларности на неделните избори. Бидејќи досегашниот избирачки одбор е разрешен, на нивно место наименуван е нов, на кого во вторник ќе му бидат врачени решенија, за да го спроведе вториот круг претседателски избори што ќе се одржат на 5 мај – истакна Антигона Сефери, претседателка на ОИК за Општина Кичево, за Нова Македонија.
На последната седница на ДИК најспорно беше гласачкото место во Зајас, каде што, во периодот од 15 до 17 часот, гласале 297 гласачи или според статистиката, на секои 24 секунди, образложи подносителот на приговорот. И покрај тоа што три пати се пребројуваа гласачките ливчиња, потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху изрази сомневање во регуларноста во проверката, па во броењето учествуваше лично и претседателот на Комисијата Оливер Дерковски. Четвртото броење покажа дека на ова избирачко место во Зајас гласале 416 лица, но во изборачкиот список биле пријавени 412 лица, по што беше поништено гласањето во ова место.
