Ќе ги расчисти ли Заев тврдењата на Бејли за судиите?
Премиерот Зоран Заев ќе иницира истрага за наводите на американскиот амбасадор, Џес Бејли во писмото до судиите.
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, писмото од Бејли до судиите е дипломатски скандал.
„Дали се чувствува загрижен премиерот Заев по писмото на Бејли до претседателите на судовите во кое амбасадата бара да не се користи како извор при носење одлуки. Ова е дипломатско-судски скандал. Американскиот амбасадор бара да не се злоупотребува неговото име, а поврзано со местење судски процеси. Дали како премиер ќе побарате истрага кон судии кои го злоупотребиле овластувањето?“, праша тој.
Премиерот Заев рече дека за писмото дознал од медиумите. Во согласност со неговите надлежности побарал негов советник да се сретне со амбасадарот. Додаде дека ќе го чекал Бејли по празниците директно да разговара со него.
Заев на седницата за пратенички прашања порача дека ќе се иницира истрага за амбасадорските наводи.
На пратеничко прашање да го коментира писмото од амбасадорот Џес Бејли, во врска со посочувањето за неосновано поврзување на негово име со судски одлуки и дали министерката за правда во Судскиот совет ќе покрене истрага, рече дека веќе дал насока во неговиот Кабинет да се стапи во контакт со амбасадата на САД за да се добијат повеќе информации.
„Го сфаќам како порака никој да не се вади на амбасадата за судски одлуки. Ова е доволен сигнал да преземеме анализи што е причината за тоа писмо. Да, ќе дадам инструкции до министерката за правда да го отвори прашањето во Судскиот совет. Ако имало таква работа, да се посочи и да има одговорност“ – рече премиерот Заев.
Бејли им пишал на претседателите на кривичниот, Апелацискиот и Врховниот суд, како и до министерката за правда и претседателот на Судскиот совет, дека до него стигнувале информации дека судии носеле пресуди и одлуки за притвор под диктат на Амбасадата на САД. Од кривичен вратиле одговор на писмото со ново писмо во кое изразиле благодарност за поддршката и сите напори кои ги вложува амбасадата за спроведување на владеењето на правото во земјава.