Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЌЕ ГИ НАДМИНАТ ЛИ ГРАЃАНИТЕ ДИЛЕМИТЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД: Следната недела почнува вакциналната кампања

ЌЕ ГИ НАДМИНАТ ЛИ ГРАЃАНИТЕ ДИЛЕМИТЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД: Следната недела почнува вакциналната кампања

Делта варијантата забрзано се шири во светот и веќе е регистрирана во повеќе од 100 земји. Научниците од регионот предупредуваат дека е прашање на време кога и тука ќе стане доминантен сој. Во Хрватска, на пример, директорката на Клиниката за инфективни болести, Алемка Маркотиќ предупреди дека наесен е можен и четвртиот бран на корона вирусот, кој се очекува брзо да го преземе водството во Европа, за еден или два месеци и да се прошири меѓу невакцинираните и ризичните групи. Ова според неа ќе резултира со голем број хоспитализирани и починати, ако луѓето не тргнат посериозно кон вакцинирање. Истовремено, предупредувања пристигаат и од американската Федерација на научници, од каде што велат дека од делта сојот дефинитивно на удар ќе бидат невакциниранитре и дека оваа варијанта е темпирана бомба во земјите каде што степенот на вакцинација е низок.

Во Македонија од почетокот на масовната вакцинација целосно се вакцинирани само 11 проценти од вкупното население, а според епидемиолозите, колективен имунитет се стекнува откако ќе се вакцинираат барем 70 отсто од граѓаните. За индиската, односно делта варијантата, пак, како што сега посочуваат епидемиолозите и микробиолозите, колективен имунитет се постигнува дури со 80 до 85 отсто. За да се мотивираат граѓаните на што помасовно вакцинирање, здравствените власти веќе од почетокот на следната недела ќе почнат да ја спроведуваат вакциналната кампања.

-Следната недела ќе започне кампањата реалзирана со помош и поддршка на Европската Унија. Станува збор за видео кампања која има пораки главно од јавни личности,покажувајќи преку лични примери говорат зошто е важно да се прими вакцина против Ковид19.
Изминатиов период беше реализирана и кампања од страна на УНИЦЕФ во која лекари, вклучени во ковид центри, како и во процесот на имунизација споделуваа лични исксутва за вакцинацијата и упатуваа пораки зошто е важно граѓаните да се вакцинираат, велат од Министерството за здравство за Фактор.

Во исто време, оттаму истакнуваат дека Министерството за здравство во континуитет уште од самото започнување на процесот на вакцинација повикува на заинтересираност. Преку постојана комуникација со медиумите, преку каналите на социјалните медиуми, преку едукативни видеа, преку организирање на трибини преку кои се одговара на сите значајни прашања и се дискутираат дилемите, можностите и достапноста на вакцините, постојано се користи можноста за испраќање на апел кон граѓаните за важноста за  исполнување на обврската за вакцинацирање. Од средина на месец јули ќе започне и теренска вакцинација со цел да се овозможи и полесен пристап за граѓаните. Она што е најважно како што велат е дека сите вакцини од сите производители се безбедни.

Пред неколку дена претседателката на Националниот комитетот за имунизација проф. д-р Александра Грозданова која учествуваше на трибината „Вакцинација и предизвици со Ковид-19“ посочи дека очекува дека во текот на летото да бидат аплицирани доволен број на вакцини за да доколку во есенските месеци се јави одредена промена на епидемиолошката состојба да бидеме спремни и индивидуално но и општествено.

-Ова е одличен период кога бројките на заболени се намалени и достапноста на вакцините е големо за да може населението да дојде и да се вакцинира. Така што еден јавен апел до сите без размислување најпрво да го пријават својот интерес затоа што тоа е наједноставниот начин да се добие терминот за вакцинација и потоа нормално да се вакцинираат, рече Грозданова.

Појасни дека кинеските вакцини „Синовак“ и “Синофарм“ претставуваат класични вакцини каде е инјектиран ослабен вирус односно технологија за добивање вакцини која се користи децении и е многу позната. Токму затоа, вели Грозданова, кај широката популација можеби се доживува како една од најбезбедните платформи во однос на новите вакцини како што беа РНА вакцините. Во однос на возраста на којашто се дава, Грозданова рече дека нема ограничување и дека во Кина се аплицира и кај деца над 3 возраст, а во нашиот случај ќе се користи над 18 години и без ограничување на возраста кај возрасните лица. Вакцината се препорачува кај доилки и трудници за разлика од руската „Спутник„ која што е јасно контраиндицирана за трудници и долки.

Сепак, дел од граѓаните во повеќе градови низ земјава иако добиваат термин за вакцинација, на самите пунктови одбиваат да примат вакцина кога ќе слушнат дека станува збор за Синовак или за АстраЗенека, иако во случајот на оксфордската вакцина станува збор за луѓе кои се над 60 годишна возраст. Конкретни случаи има во Кочани, Гевгелија, Охрид и други градови и покрај уверувањата на здравствените власти дека Синовак е доста безбедна и ефикасноста се движи помеѓу 56 и 78%. Пред извесно време беше одобрена и од страна на СЗО и веќе неколку земји во светот ја користат.

Инаку, бројот на пријавени граѓани, според Министерството за здравство се зголемува и сите, како што велат оттаму, во следните две до три недели ќе добијат термин за вакцинирање.

-Во државата вкупно се аплицирани 542.699 дози вакцини, а ревакцинирани се 220.884 граѓани. Со последните бројки, од вчера, 52% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина,  49% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 43% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, посочуваат од Министерството за здравство.  

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести