„ЌЕ ГИ ИГНОРИРАМЕ СИТЕ ПРЕДЛОЗИ НА ЛЕВИЦА, НИВНА ЦЕЛ Е ПОПУЛИЗАМ“: пратеничката Белимова од ЗНАМ за предлогот за намалување на патните трошоци
Пратеничката Даниела Белимова од редовите на движењето ЗНАМ денеска порача дека предлогот на Левица за намалување на патните трошоци нема да го поддржат бидејќи сметаат дека партијата го предлага само за свој популизам.
Таа истакна дека би прифатиле предлог кој што е конструктивен за предлог-законот за пратениците во врска со патните трошоци, но, бараат да седнат на заедничка маса со останатите пратенички групи.
- Сакаме да ја информираме јавноста, дека во рамки на нашите заложби за транспарентнсот, пратениците од движење ЗНАМ ниту досега ниту отсега ќе наплаќат за патни трошоци. Само досега еден од пратениците на ЗНАМ има наплатено околу 30 илјади денари по сите основи, што е многу помалку од она што е направено како трошоци.
Нашиот став во врска со предлог законот на колегите од Левица, останува принципиелен, ќе ги игнорираме сите предлози чија единствена цел е популизам и креирање театар на секоја тема.
Ние сме подготвени за отворање конструктивен процес на преговори со сите пратенички групи за да се дојде до општо прифатливо најдобро решение. Само низ дијалог може да се работи за доброто на граѓаните, и преку консензус да се обезбеди широка подршка за овие прашања. Движење ЗНАМ не се изјаснува за нешто што веќе го практикува.
Ако некој ги злоупотребува патните трошоци, тогаш тие треба да бидат санкционирани и изнесени пред судот на јавноста.
Движење ЗНАМ го потврдува ставот, дека ниту овој закон, ниту било кој друг предлог од Левица нема да го разгледува и коментира, од единствена причина, нивната цел е сопствена промоција, не нудење решение за одредени проблеми.
Левица не е дел од решението, туку самата таа создава проблеми - кажа Белимова на пресконференција.
Партијата Левица предлага ограничување на патните трошоци на народните избраници. Бараат овој трошок да се намали на 6,5 литри гориво на поминати 100 километри што би било околу 500 денари, а не досегашните 1700 денари за истото поминато растојание плус патарини.
