Ќе ги чини ли скапо „Тарифата“ на СЈО?
Во судска постапка продолжува предметот „Тарифа“ која Специјалното јавно обвинителство го покрена против седум лица кои биле дел од работењето на АД ЕЛЕМ и постои обвинение дека извршиле злоупотреба на службена положба.
Според СЈО во „Тарифа“ ќе докажува дека обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.
Станува збор за постапка по јавна набавка на софтвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ.
СЈО смета дека зделката ја добил конзорциум кој првин не доставил комплетна документација, но поради постапките на менаџерите од ЕЛЕМ, конзорциумот за сума од 4 милиони и 92 илјади евра (4.092.420 евра) успеал да го добие тендерот за набавка на системот
Победникот покрај повластувањата не се придржувал до тендерските услови, односно набавувал модул преку други правни лица и за приклучувањето на тој модул дополнително наплатил околу 17 илјади евра. Исто така менаџерите во ЕЛЕМ пред 7 години додека се одвивало вградувањето на системот со своите потписи предвремено одобриле исплата на пари за лиценци со што направиле штета од над 450 илјади евра (456.560 евра), тврди СЈО. Доказите кои досега се откриени според СЈО велат дека за системот се исплатени 3 милиони и 700-тини илјади евра, а тој досега не е комплетно имплементиран иако крајниот рок за целосна имплементација на ЕРП-системот бил февруари 2013-та.
