Ќе дознае ли Пендаровски од Макрон што од нас бара Франција?
Ќе дознае ли македонскиот претседател Стево Пендаровски нешто повеќе за француската идеја како земјава да ги надмине препреките на патот кон Европската унија.
Шефот на државава Стево Пендаровски следната недела ќе престојува во Франција каде што ќе учествува на Парискиот мировен форум, на кој ќе биде и францускиот претседател Емануел Макрон.
Дали има шанси за средба, од кабинетот на претседателот Пендаровски за Фактор велат дека работат на тоа, но засега нема официјална потврда за средбата.
„Се уште нема потврда. Работиме на тоа, на засега нема официјалнас потврда“, велат од Кабинетот на Пендаровски.
Претседателот Пендаровски вчера изјави дека се прават напори да се добие средба на што е можно повисоко ниво во Француската Република. Истакна дека дипломатијата продолжува со евроинтеграциите и дека фокусот е Франција.
„Правиме усилби практично од првиот ден, практично веднаш по последниот бриселски самит на ЕУ да добиеме средба на што е можно повисоко ниво во Француската Република и директно со претседателот Макрон и со луѓето околу него што точно побаруваат од нас и да ја надминеме таа крајно непријатна ситуација“, рече Пендаровски.
Тој посочи дека во наредниот период треба да добиеме посилен сигнал дали наскоро ќе може да се измени крајно неповолниот исход на последниот европски самит пред се Франција.
Пендаровски во Париз ќе престојува на 11,12 и 13 ноември, а на Форумот, на кој се очекуваат повеќе од 30 шефови на држави и влади, обраќање ќе има на 12 ноември.
