Ќе добијат ли микро и малите компании олеснување?! Се бара зголемување на прагот за ДДВ на 4 милиони денари
На предлог на независниот пратеник, Миле Цеков, се бараат измени на Законот за данокот на додадена вредност со што прагот за задолжителна регистрација за ДДВ би се зголемил од 2.000.000 на 4.000.000 денари.
Според предлагачот, кој во Собранието влезе како дел од ЗНАМ, со оваа промена ќе се овозможи олеснување на микро и малите компании, како и на регистрираните земјоделци – физички лица – кои се соочуваат со зголемени трошоци за суровини, енергенси, услуги и работна сила, особено во услови на инфлациски притисоци.
- Со овој предлог-закон се предлага во членот 51 зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ од 2.000.000 денари на 4.000.000 денари за поддршка на малите и средни компании во нивниот раст како и за регистрираните земјоделци – физички лица, со што истовремено се отвора можност за поширока поддршка и олеснување и за микро и малите компании кои вршат дејност во услови на зголемени трошоци и инфлациски притисоци.
Во изминатите години, поради растот на инфлацијата, трошоците за суровини, енергенси, услуги и работна сила, значително е зголемен вкупниот промет кај голем број микро и мали деловни субјекти, без притоа реално да се зголеми нивната профитабилност или економска моќ.
Постојниот праг од 2.000.000 денари во пракса претставува ограничување за раст и развој на малите компании и самостојните вршители на дејност, бидејќи со влегувањето во системот на ДДВ се создава дополнителен административен и финансиски товар, како и потреба од дополнителни книговодствени и даночни обврски - се посочува во законското решени доставено пред пратениците.
Воедно во него е посочено дека со предложеното законско решение ќе им се овозможи на малите обврзници да работат со поголема флексибилност, без дополнителни административни и финансиски обврски, што често резултира со зголемување на цените на услугите за крајните корисници или мотивирање на неформални трансакции. Зголемувањето на прагот за ДДВ ќе ја намали сивата економија, ќе го подобри деловното опкружување и ќе поттикне раст на микро и малите компании и земјоделските стопанства.
- Дополнително, кај услужните дејности и малите компании кои работат претежно со физички лица, регистрацијата за ДДВ често доведува до зголемување на цената на услугите за крајните корисници, со што се намалува нивната конкурентност на пазарот - пишува во законот.
Воедно пратеникот укажува дека со оваа промена, сите даночни обврзници кои во 2025 година не го надминале прометот од 4.000.000 денари, нема да имаат обврска да се регистрираат за ДДВ. Преку намалување на оптоварувањето и зголемување на транспарентноста, се очекува зголемување на економската одржливост и поттик за инвестирање, особено во руралните средини.
Исто така, мерката ќе придонесе за подобрување на ликвидноста на малите и средни претпријатија, ќе го поттикне формалното работење и ќе создаде поволна деловна клима за претприемништво и самовработување. Промена нема да предизвика директни фискални импликации врз Буџетот, но се очекува долгорочно зголемување на конкурентноста и економскиот раст.
- Целта со предложеното законско решение се очекува да се олесни административниот товар врз малите и средни земјоделски стопанства како и на малите компании и самостојните вршители на дејност, за да се подобри нивната ликвидност и да се создаде поволна фискална рамка - пишува во предлог законот, во кој исто така е посочено дека измените нема да предизвикаат фискални импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија и не повлекува материјални обврски за одделни субјекти.
П.О.