Ќе добие ли Македонија трет мобилен оператор, а граѓаните поголем избор кој ќе донесе и пониски цени?
Оваа недела во Барселона, ќе се одвива ГСМ Саемот, каде што една од клучните теми ќе биде токму воведувањето на трет мобилен оператор во Република Македонија и како да се дигитализираат што повеќе услуги во образованието и здравството.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски најави дека се создаваат услови за влез на трет мобилен оператор кој ќе донесе поволност за граѓаните. Потребни се промени во низа подзаконски акти и други одредени мерки со кои ќе се овозможи влез на трет мобилен оператор.
„Сите овие активности ќе бидат правени паралелно со напори да не ја нарушиме конкурентноста на пазарот, односно на другите два постоечки оператора во државата. Крајната цел е, подобри услуги за граѓаните со пониски цени“, рече Манчевски.
