Ќе биде продолжен полицискиот час, за нови рестрикции ќе се разговара
Полицискиот час ќе биде продолжен. Ќе трае од 22 до 05 часот, како и досега, а дополнително ќе се разговара во текот на неделата дали ќе биде потребно да се заострат мерките.
Ако треба опција за заострување на мерките е скратување на работното време на угостителските објекти и продолжување на полицискиот час.
Информацијата ја потврди и министерот Венко Филипче.
„Врз основа на последните бројки на новодијагностицирани случаи, врз основа на бројот на пациенти коишто се примаат во болниците во изминатите денови и врз основа на бројот на слободни кревети коишто со менаџирање и прераспределба во изминатиот период го зголемивме, ставот е дека од утре ќе продолжат да важат истите мерки, како и досега, тоа значи дека останува на сила полицискиот час од 22 до 05 часот наутро, а за евентуална дополнителна рестрикција ќе разговараме во текот на неделата врз основа на тоа што ќе се случува следните денови – рече Филипче за Сител.
До утре до 5 час завршуваше одлуката за полициски час која беше донесена на 5 март. Новата одлука за продолжување на траењето на оваа рестрикција ќе биде доставена денеска од Комисијата за заразни болести до Владата.
