ЌЕ БИДЕ ЛИ 2023-ТА ГОДИНА НА УСТАВНИ ИЗМЕНИ - или на избори и уставни измени
Еден од главните предизвици што не очекува е процесот на евроинтеграција што за нас, покрај скринингот, реформите, справувањето со корупцијата, носењето на законите и енергетската криза, ќе значи и измена на Уставот и Преамбулата на Уставот. Не се знае кога Владата ќе донесе одлука за почеток на постапката за менување на Уставот, но за да се стаса до завршувањето на скринингот во ноември потребно е тој да почне на почетокот на годинава. Дали ќе има поддршка за уставни измени, коишто произлегоа од францускиот предлог предизвикан од преговорите со Бугарија, зависи најмногу од обезбедување двотретинско мнозинство (80 гласови) во Парламентот. Засега тоа е неизвесно, иако од владејачките партии тврдат дека работат на негово постигнување.
Во заклучоците на Советот на ЕУ пишува дека во моментот кога ќе биде променет Уставот и се внесат уште три заедници во него, без нови одлуки и без одлагање ќе се свика втората Меѓувладина конференција на која што ќе започне да се разговара за поглавјата.
Последната недела од старата година политичките партии ја искористија да ги повторат своите веќе утврдени ставови во однос на уставните измени, некои своите гласови ги условија со предвремени парламентарни избори, додека главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ побара најнапред да се одржат избори. Во минатогодишната дебата за уставни измени беа дадени низа предлози, од кои се чини најреален дека би можело да се случи е бришењето на формулацијата „јазикот што го говорат повеќе од 20 проценти….“.
Премиерот Димитар Ковачевски потенцира дека условувања за вакво прашање се навистина неприфатливи и наместо тоа повикува на широк општествен и политички консензус за европскиот пат на државата.
-Во моментот кога ќе имаме широк општествен и политички консензус по истото тогаш ќе може да се најде во Собранието, изјави неодамна премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали веднаш по новогодишните празници ќе почне постапката за уставни измени.
-Уставните измени со коишто се овозможува продолжување на европскиот пат на државата и кое што е една од одлуките на патот до полноправно членство треба да биде наднационално и надполитичко прашање кое што овозможува подобра иднина за сите граѓани на сегашнава и на идните генерации. Тоа прашање секако дека ќе се најде во Собранието. Нормално дека ќе му претходат политички консултации, ќе има претходно и стручна расправа со оглед на тоа дека се работи за уставни измени и во моментот кога ќе имаме широк општествен и политички консензус по истото тогаш ќе може да се најде во Собранието, рече Ковачевски. Премиерот кажа дека никогаш не се врзува со датуми туку со цел, а тоа е Македонија до 2030 година да стане членка на ЕУ.
Во интервју за националната телевизија, пак, тој остана доследен на ставот дека избори ќе има во 2024 година, односно дека 2023 нема да биде изборна година, бидејќи се уште трае скринингот.
-Скринингот треба да заврши во ноември 2023 година и ние најверојатно нема да направиме да се прекине скринигнот сега, по 17 години чекање. Второ енергетската криза нема да застане и економската криза, би требало да бидат функционални институциите кои што ќе се справуваат со неа. Трето, имаме за носење голем број одлуки во Собранието кои што бараат широк општествен и политички консензус и кој што консензус нема избори да го обезбедат, јас гледам некои политички партии викаат ние ќе гласаме доколку ќе има избори, кажа Ковачевски во интервју за Националната телевизија.
Според него, сите обвинувања што од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ беа кажани при прифаќањето и носењето на заклучоците во Собранието во однос на европскиот предлог предложен од Француското претседателство паднаа во вода.
Ковачевски побара од сите 120 пратеници во Собранието „да покажат одговорност и да го поддржат пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија, а партиските интереси да ги остават настрана, бидејќи граѓаните сакат да бидат дел од ЕУ, а иднината на граѓаните е подеднаква обврска на сите политички партии во Парламентот“.
Шефот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците потенцираше дека е потребна јасна и чиста процедура за промена на Уставот.
Зборувајќи за комплексот на прашања поврзани со нашите европски интеграции кои конечно ги отворивме по долги седумнаесет години чекање, Пендаровски рече дека пратениците треба да имаат пред очи две работи во однос на прашањето за промена на Уставот.
– Прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт, изјави Пендаровски.
Нашата обврска за промена на Уставот, според Пендаровски, не е поврзана со отворањето на клубовите на Бугарите во земјава, меѓутоа, останува впечатокот дека „станува збор за временски темпирана и организирана активност“ која не придонесува за градењето доверба меѓу Скопје и Софија.
