Киро Стојанов: Папата доаѓа за да ја охрабри Македонија
Бискупот Киро Стојанов изрази голема радост и благодарност и ги повика сите верници католици и луѓе со добра волја во Република Македонија, како и од соседството, на молитва и духовна подготовка по повод најавента посета на Папата Франциск на Македонија.
- Папа Франциск од самиот почеток ја искажуваше и покажуваше својата близина и разбирање кон нас, примајќи ја секоја година во Аудиенција и Државната делгација во чест на чествувањето на Св. Кирил во Рим.
Верувам дека неговото доаѓање во главниот град на Државата и родниот град на св. Мајка Тереза – Скопје има посебна симболика, а исто така верувам дека и неговите пораки кои ќе бидат упатени за време на неговата посета ќе бидат делотворен поттик за многу потребната духовна и друга обнова на ова наше Општество и дека ќе ни помогне да го сфатиме и прифатиме фактот како сме сите, и како луѓе и како верници, одговорни за градење мир и среќна иднина меѓу сите верници, граѓани и народи во оваа наша мила Татковина – Македонија.
Затоа ги повикувам сите верници католици и луѓе со добра волја во Република Македонија, како и од соседството, на молитва и духовна подготовка за оваа драгоцена посета на Светиот Отец папа Франциск, првенецот на апостослкиот збор и неспорен морален авторитет на денешницата„, вели Стојанов во својата порака.
Поглаварот на Ватикан веќе потврди дека ќе ја посети Македонија на 7 мај.
