Економија, финансии, бизнис

Контакт

КИРО ГЛИГОРОВ И БОРИС ТРАЈКОВСКИ - шефот на државата Пендаровски ќе доделува два нови ордени на заслужни граѓани

КИРО ГЛИГОРОВ И БОРИС ТРАЈКОВСКИ - шефот на државата Пендаровски ќе доделува два нови ордени на заслужни граѓани

Два нови ордени ќе доделува претседателот на државата Стево Пендаровски, покрај оние кои досега беа доделувани на заслужни граѓани.

За таа цел се менува Законот за одликувања и признанија, а предлог законските измени се веќе стигнати во Собранието. Предлагач на законските измени е Владата, а ќе ги брани министерот за правда Бпојан Маричиќ. 

Станува збор за две нови одликувања, и тоа Орден „Киро Глигоров“ и Орден „Борис Трајковски“. Од Владата велат дека законските измени се засноваат врз начелата на законитост, професионалност, одговорност, отчетност и транспарентност.

Како и сите современи држави, така и земјава има востановено ордени и медали како знаци на државно признание за постигнати резултати во доменот на општествено-политичките, стопанските, научно-истражувачките работи, како и за особени заслуги во областа на социјалната и хуманитарната помош. Одликувањата и признанијата се доделуваат и за мирен и стабилен развој на земјава, за придонес во нејзиниот демократски развој, за особено постигнати резултати во работата, како и за особена лична храброст во одбраната на татковината. Одликувањата и признанијата се доделуваат на поединци граѓани, на правни лица, државни органи, установи, владини и невладини организации, на единици, команди, штабови и установи на вооружените сили, на единиците на полицијата на Министерството за внатрешни работи и на припадниците на Армијата и на МВР. 

Инаку, Законот за одликувања и признанија е донесен во јуни 2002 годинаи и согласно него, беа востановени пет ордени, две медалји и една Повелба на Република Македонија. Во 2012 година е извршено дополнување на Законот и се додадени уште три медали, а во 2016 година со уште еден орден. Во моментот, согласно Законот за одликувања и признанија во земјава се востановени следните ордени: Орден на Република Македонја, Орден „8 Септември“, Орден „Илинден-1903 година“, Орден за заслуги за Македонија, Орден за воени заслуги, Орден Света Мајка Тереза, потоа Медал за заслуги за Македонија, Медал за храброст, Медал на честа, Медал Вечно Сонце и Медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија.

Претседателот Стево Пендаровски до Владата поднел иницијатива за воведување на две нови одликувања во земјава, и тоа Орден „Киро Глигоров“ и Орден „Борис Трајковски“.

„Ордените ќе се доделуваат на граѓани и организации кои дале особен придонес за мирот и за развојот на мултикултурното општество. Имајќи ја во предвид улогата што со својата работа и активност во исклучително тешки моменти, ја имале поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски, се предлага воведување на одликувања од највисок ред посветени на овие поранешни државници. При тоа, поаѓајќи од улогата на поранешниот претседател Киро Глигоров во осамостојувањето и меѓународното признавање на државата и нејзиното мирно осамостојување, се предлага воведување на Орден ‚Киро Глигоров', кој ќе се доделува на заслужни граѓани и организации кои дале придонес за мирот и безбедноста на државата. Иницијативата за воведување на Орден ‚Борис Трајковски', кој ќе се доделува на граѓани кои имаат личен придонес за развојот на мултикултурно и демократско општество, поаѓа од улогата и заложбите на поранешниот претседател Борис Трајковски за мултикултурните вредности и соживот во слободно и демократско општество на сите етнички и религиозни заедници“, велат од Владата која го предлага законот.

Воедно, како што нагласуваат, со овој закон се врши усогласување со Амандманот XXXIII на Уставот на Република Северна Македонија, кој се однесува на променетото име на државата. 

За спроведување на овој закон потребно e обезбедување дополнителни финансиски средства од Буџетот на земјава. Исто така, ќе бидат потребни и пари за изработка на идејно решение за двата ордени, како и финансиски средства за изработка на секој од ордените два пати годишно.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести