КИРАЦОВСКИ: ЛДП со самостојниот настап во Битола му наштети на нашиот кандидат, оставка требаше да даде целото раководство на СДСМ
Овие избори не беа избори во кои се брои кој освои повеќе гласови, туку кој изгуби помалку од гласачкото тело, односно кој успеал да задржи повеќе од своите наклонети гласачи. На изборите имаше ниска излезност и во двата круга, што алудира на незаинтересираност на граѓаните, но и на аверзија кон гласачкиот процес и кон политиката воопшто и за тоа има длабоки причиони и објективни и субјективни.
Ова е само дел од размислувањето на поранешниот генерален секретар на СДСМ, битолчанецот Александар Кирацовски, за лошиот изборен резултат на неговата партија на претходните локални избори.
„Генезата на изборниот резултат на СДСМ, според мене, е повеќеслојна. Прво, неизлезноста на традиционалните гласачи и на неопределеното гласачко тело кое на некој начин даваше поддршка во изминативе циклуси, коалициското раслојување на СДСМ и секако одредени слабости во самото функционирање. Знаете, граѓаните ве оценуваат севкупно, на изборниот ден испраќаат одредена порака затоа што тоа е најдиректниот начин пораката да биде испратена и примена и истата да боли. Нашето гласачко тело испрати порака со апстиненцијата, нормално, и кон неколкуте слабости, и внатрепартиски, и владино, и централно, и покрај големите успеси на меѓународен план“, рече Кирацовски.
На прашањето дали е изненаден од резултатот во Битола, Кирацовски рече дека Битола е посебна приказна.
„Имавме одлична кампања и одличен кандидат, чие знаење, елан и умеење, ние битолчани требаше максимално да го искористиме, но таа шанса за жал се пропушти. Сепак, јас не бив вчудоневиден од резултатите, самокритично кажано, имајќи предвид колку не е направено за Битола и од централната власт, но и од страна на локалната самоуправа, значи има одредени резултати, но се мали во споредба со она што граѓаните го очекуваа.
Битола за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ги загуби епитетите на втор град по тежина, на студентски град, регионален и економски центар, културтен и спортски, а ние иако имавме развој, не успеавме да ги вратиме, на што битолчани се гневни.
Имаше влијание и самостојниот настап на Либерално демократската партија, која во Битола на некој начин котира. Тие единствено успеаја да направат штета, и сопствена, но и на нашиот кандидат, односно да ги одземат коалициските гласови, овозможувајќи му предност на противкандидатот. Таа предност во првиот круг создаде и гравитациона моќ, што дополнително, со впечатокот од централно ниво, го даде негативниот исход“, објасни Кирацовски.
Тој рече дека СДСМ влегла во внатрепартиска криза, но не сега, не од пред една година, туку откако почнал да доминира полтронизмот и лукративноста, а наместо вистинските социјалдемократи кои предолго се бореле против режимот, дел од просторот го зафатиле режимски слуги, кои немаат допирна точка ниту со партијата ниту со минатата борба која беше многу долга и мачна. Партијата треба да е отворена за нови членови, но тоа не се создава преку ноќ.
„Лидер не се создава преку ноќ. Зоран Заев со своите атрибути претставува повеќе од 70 отсто од перцепцијата и персонификацијата на СДСМ и ќе биде навистина тешко да се најде соодветна замена за него“, рече поранешниот генерален секретар.
Според Кирацовски, за неуспехот на изборите не е виновен само Заев, туку целото раководство на партијата.
„Лично очекував оставка од целото раководство на СДСМ, првенствено од солидарност кон лидерот, а можеби и пошироко“, рече Кирацовски.
