Кирацоски „победи“ - кани на јавна расправа за една изборна единица во Собранието
Пратеникот од СДСМ, Александар Кирацоски, кој е претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, успеал да се организира јавна дебата за Изборниот законик за една изборна единица во Собранието. Таа утре ќе се одржи во салата Борис Трајковски во зградата на парламентот.
Тој преку фејсук кани на јавна дебата.
„Ве покануваме на отворена дебата по Предлог законот за изменување на Изборниот законик и Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик кои се однесуваат на воведување една изборна единица за парламентарни избори, отворени листи за локални избори и еднаква родова застапеост на листите за пратеници и советници. Дебатата ќе се одржи на ден 25 декември 2019 година, со почеток од 14.00 часот, во Сала „Борис Трајковски“ во зградата на Собранието на Република Северна Македонија, а истата е во организација на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Иницијативата за една изборна единица“, напиша Кирацоски.
Настанот, вели, ќе биде отворен за медиумите.
Пред неколку дена, на 19 декември, тој напиша дека не знае кои се побудите на претседателот на Собранието, Талат Џафери да спречи Јавна расправа за толку битно прашање, нарекувајќи ги недемократски, ограничувачки и од теснопартиска природа.
Тогаш Кирацоски објасни дека ако треба, јавна расправа ќе се одржи и надвор од собраниската зграда.
„Останувам на ставот дека јавна расправа треба да има и ќе има, независно дали истата ќе се одржи во собраниската сала, во холот на Собранието или можеби во некоја конференциска сала надвор од собранието, макар нарекувајќи ја и јавна дебата за промена на изборниот модел со која се предвидува една изборна единица, еднаква родова застапеност и отворени листи за локалните избори“, напиша Кирацоски.
