Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кинеските кредити повторно ги скараа македонската власт и опозицијата!

Кинеските кредити повторно ги скараа македонската власт и опозицијата!
Спор во собранието за кинеските кредити. Опозицијата обвинува дека многу повеќе пари ќе се потрошат од предвидените 580 милиони евра. Државата ќе потроши една милијарда евра за изградба на 100 километри автопат од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид, смета опозицијата. Покрај кредитот од државната кинеска Експорт импорт банка во висина од 574 милиони евра, државата ќе треба да ја плати и експропријацијата на земјиштето, рече пратеникот Јани Макрадули. Тој праша како е можно вредноста на автопатот Миладиновци – Штип за само три години да пораснала за над 100 отсто. Марјанчо Николов праша по кои критериуми била избрана кинеската компанија која треба да го гради автопатот Миладиновци – Штип и зошто државата одлучила да ја ослободи од давачките за данок на додадена вредност и акциза. Цената за изградба на патниот правец Миладиновци – Штип, која ќе достигне цена од 4,8 милиони евра по километар не е воопшто висока, смета власта. Владата претходно се обиде за овие два автопати да најде концесионери, но немаше приватни инвеститори заинтересирани за проектот. Според најавите, нивната изградба треба да започне во првата половина од 2014 година и да трае три години. Кинеската компанијата „Синохидро Корпорејшен Лимитед“ ќе ги гради патните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Дватата патни правци, како што беше најавено, ќе се градат со кредит од кинеската Ексим банка во износ од 580 милиони евра, од кои 374 милиони ќе бидат наменети за поврзување на Кичево со Охрид, додека 206 милиони евра ќе се искористат за ново поврзување на Скопје со Штип. Со кинескиот кредит ќе биде затворена 90 отсто од финансиската конструкција, додека преостанатите средства ќе бидат обезбедени од државниот буџет. Кредитот е со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени. Економистите оценуваат дека, вака анализираните кредитни позиции се поволни, но сметаат дека “евтините“ кредити најчесто содржат дополнителни влијанија, кои главно се однесуваат на давање на тендерска предност, набавки и други форми на исплатливи бизниси. Д.А.
Слично

Поврзани вести