Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кинеска фирма кај нас може да работи ако победи на тендер, но нема договор во четири очи - ЗАЕВ ЗА МИА ОД БРИСЕЛ ЗА НАТО СТАНДАРДИТЕ

Кинеска фирма кај нас може да работи ако победи на тендер, но нема договор во четири очи - ЗАЕВ ЗА МИА ОД БРИСЕЛ ЗА НАТО СТАНДАРДИТЕ

Нема ниту план Б, ниту алтернатива за ЕУ, самото пристапување кон ЕУ значи европеизација на С. Македонија, не сакаме да бидеме членки само заради членството во ЕУ, ние сакаме да бидеме членка заради европеизацијата на земјата која ќе се случува низ отворањата и затворањата на поглавјата и да ја донесеме Европа во Северна Македонија, вели премиерот Зоран Заев во интервју за МИА.

Премиерот нагласува дека посакува на 22 јуни да нема вето од Софија, односно Советот за општи работи на ЕУ да донесе одлука за официјален старт на преговорите, но и ако не се постигне решение, барем да ги заокружиме дискусиите и да чекаме политичка влада во Бугарија.

„На 11 јули имаат избори, после тоа се формира влада, политичка влада која што навистина ќе ги продолжи и најде решенија конечно, тоа можеме да го направиме и во септември, октомври, декември оваа година, важно е граѓаните да ја знаат реалноста, затоа што навистина не сме далеку, ниту е проблемот нешто посебен, јас често кажувам дека е смешен, но проблем е што нема парламент и нема политичка влада и е проблем за носење одлуки“, вели премиерот.

Тој нагласува дека во рамките на тие напори до крајот на оваа недела ќе ја посети Софија.

„Ако не постигнеме решение, да направиме исчекор со којшто со политичката влада ќе се најде решение. Правиме до крајот на оваа недела официјална посета на Софија каде со претседателот Радев, со премиерот Стефан Јанев и нивните министри ќе седнеме и ќе ги разглобиме до крај сите детали“, додава премиерот.

Тој нагласува и дека ние сме мала земја и сакаме пријателство со сите и кога земјите партнери го градат тоа пријателство и соработка и со Кина и со Русија и наша цел е да градиме пријателство, но ние сме членка на НАТО и до крај се почитуваат принципите на Алијансата.

„Северна Македонија е целосно на линија на развиените демократии, не се споредувам тука со земјите од Западен Балкан, туку со соработката што ја има Америка со Кина, една Германија, една Франција, итн. Кај нас за разлика од нашите соседи на Западен Балкан, нема договори во четири очи… Кај нас компетитивноста и европското законодавство се императив. И тоа е така. Може кинеска фирма да работи ако победи на тендер, во четири очи нема. Мора да има компетитивност“, нагласува премиерот.

Во интервју за МИА, премиерот Заев говори и за главните теми од вчерашниот Самит на НАТО, каде Северна Македонија за прв пат учествуваше како полноправна членка.

На прашањето како помина овој прв лидерски состанок во НАТО како полноправна земја членка, тој вели.

„Прекрасно е чувството затоа што сме прв пат, затоа што за прв пат сме на НАТО самит како земја членка, но и НАТО прв пат има самит со 30 земји членки. Така што заокружија посебно поглавје за нас, верувам и за целиот Западен Балкан, каде што можам да потврдам и дека подготовката на овој самит е со активно учество на нашите министри, министерката за одбрана, министерот за надворешни работи, нашиот амбасадор Дане Талески, и делегацијата, во подготовката на самиот самит и на самите заклучоци. Важно е што НАТО испрати порака на единство, што не беше случај пред неколку години. Денеска претседателот Бајден, но и големите лидери на големите земји од ЕУ, како што е претседателот Макрон, канцеларката Меркел, и италијанскиот премиер, го поддржаа тоа единство, каде што се испрати порака дека НАТО знае кај тера. Не е само борбената подготвеност, тоа е на највисоко ниво, тоа е најмоќниот и најсилен сојуз во светот. Модерните предизвици на 21 век, а тоа се лажните вести, сајбер безбедноста, безбедноста во комуникациите, градењето на стратегиите, но и автократизмот од дел од Истокот кој што пенетрира во дел од НАТО Алијансата, затоа што не носи демократски вредности. Демократијата значи компетитивност, значи слобода, не е вредност за доста источни земји како што е Русија, Кина и многу други азиски земји. Соодветно НАТО се поставува на тоа, изградивме свои стратегии токму околу ова прашање, коишто продолжуваат да се надоградуваат. Сѐ тоа е поставено во една агенда, НАТО 2030, која што Столтенберг ја има изработено и навистина еден прецизен план. Ќе изискува дополнително финансирање, не плус од двата отсто, туку во рамките на двата отсто, за дополнителни активности на НАТО како предизвик на 21 век. Така што јас сум среќен дека токму со Северна Македонија на првиот самит се разви една модерна стратегија, на 21 век, која што значи гаранција на сите земји членки на НАТО, значи и гарант за целокупниот светски мир, којшто НАТО го обезбедува“, рече Заев. 

На прашањето околу Кина, во смисла дека ние имаме посебен однос со таа држава, меѓу другото и вакцините, и друг тип на инвестиции, и колку овој некој привилегиран однос што го имаме Кина се коси со заложбите во однос на безбедносниот ризик што го претставува Кина за НАТО, Заев со одговор:

„Прво мислам дека Северна Македонија е целосно на линија на развиените демократии, не се споредувам тука со земјите од западен Балкан, туку со соработката што ја има Америка со Кина, една Германија, една Франција, итн. Кај нас за разлика од нашите соседи на Западен Балкан, нема договори во четири очи. Секако почитување на “фидинг“ алатките коишто значат исполнување на условите, и комплетна конкурентност и одговорност внатре, важи за сите, така важи и за кинеските компании и поради тоа не учествуваат во дел од тендерските постапки. Кај нас компетитивноста и европското законодавство се императив. И тоа е така. Може кинеска фирма да работи ако победи на тендер, во четири очи нема. Фала богу поминавме од денешен аспект гледано еден драматичен процес којшто нѐ освести дека тоа е недозволиво. Мора да има компетитивност. Ние сме мала земја и сакаме пријателство со сите. Кога земјите партнери го градат тоа пријателство и соработка и со Кина и со Русија и наша цел е да градиме пријателство, но ние сме НАТО земја членка и до крај се почитуваат принципите на НАТО. Кина партиципира со сериозни дотации на многу кинески фирми коишто ги става во предност во однос на многу европски фирми, и за тоа е свесно и НАТО и ЕУ и затоа се бараат соодветни механизми затоа што секогаш гарант за квалитетот и компетитивноста се транспарентноста, отчетноста и секако конкурентноста во самите постапки. Јас верувам дека ќе се изнајдат сериозни механизми за сите современи закани за НАТО вредностите, а тоа владеењето на правото, демократијата, компетитивноста, слободите, итн“, нагласи премниерот Заев. 

Извор и фото: МИА.мк

Слично

Поврзани вести