Кичевчанката Олга создала домашен рај исполнет со хортензии – за „Женски магазин“ ја раскажува својата цветна приказна
Во срцето на Кичево, зад домашната порта на Олга Стојкоска, се крие вистинска цветна оаза во која секој агол раскажува приказна за љубов, трпение и посветеност. Нејзиниот двор не е само убаво уреден простор, туку мало царство на бои, мириси и внимателно одбрани растенија, за кое таа целосно се грижи сама.
Стојкоска се грижи сама за својот двор и градина да изгледаат совршено, но тука не завршува нејзиниот труд и креативност. Голем дел од украсите во дворот ги изработува лично и речиси секоја година ги менува, внесувајќи нова свежина и поинаква приказна во својата домашна градина.
Во прилог прочитајте го нејзиното интервју за Женски Магазин:
ЖМ:Колку видови цвеќиња одгледувате во вашата градина? Кои?
-Во мојата градина одгледувам повеќе видови на цвеќиња како повеќегодишни така и некои од едногодишни. Кани, сардели лазачки и нелазачки, хортензии, хидрангеи, паникулати, рудбекија, кали, клематиси, лобелија, кампанули, тритоми, делфиниуми, украсни треви, пампас хости, хојхери и др.

ЖМ:Каква нега им е потребна на хортензиите? А каква на каните?
-Хортензија Макрофила сака сенка, многу вода и кисела земја за да ги менува боите.Хортензија Хидрангеа паникулата издржува сонце ама не во текот на најжешките часови.Најубаво да има утринско и попладневното сонце и секако многу вода поготово кога почнува со цветање.
Самиот збор хидра кажува дека без вода нема да има квалитетен раст на растението. И секако правилно прихранување со кристални и течни ѓубрива. Каните кај нас во Кичево преку зима, не преживуваат во земја. Затоа касно на есен (јас после Петровден) треба да се исече надземниот дел,да се откопат, да се потсушат и во пакети од банани или во други книжни вреќи да се приберат во ладна сува просторија (јас ги чувам во гаража). Каните сакаат сонце, вода и прихрана.

ЖМ:Дали сами се грижите за дворот? Колку пати дневно го наводнувате? Колку често ја косите тревата?
-За мојот двор јас се грижам сама. Еднаш неделно косам трева, шишам жива ограда и други зимзелени грмушки. Во жешките денови мора секој ден да се наводнуваат цвеќињата, поготово хортензии.
ЖМ:Дали користите прихрана за некои од растенијата?
-За да бидат убави и здрави цвеќиња мора да се користи прихрана. Еднаш ќе ги прихранам со квасец, друг пат со кристално ѓубре, со киснати коприви и така до крајот на август. После тоа не ги прихранувам со ништо, само вода.

ЖМ:Кои растенија бараат најмногу внимание во дворот? Дали одгледувате овошје и зеленчук? Кој?
-Најмногу внимание бара хортензија. Затоа што на хортензиите мора да им се обрати внимание уште од рана пролет. Мораат да се заштитат од пролетен мраз за да имаат цвет. Напролет подмрзната хортензија нема да расцвета и ако успее некој цвет да расцвета нема да има убаво и квалитетно цветање.
За да не се кршат после дождови, расцветани хортензии мора да се подврзуваат или да им се стават метални потпори (кај мене со метални потпори). На хортензија Макрофила за да ја менува бојата од розова до плава треба да ѝ се обезбеди кисела земја ( под борови), а може и со вештачко поткислување на земјата со сулфат алуминиум или лимонска киселина. И редовен полив ќе го обезбеди убаво цветање на ова прекрасно растение. Хидрангеа паникулата во зависност од сорта менува боја. Сите се убави ама најомилени ми се Ванила Фрајз и Сандеј Фрајз.
Во село Кладник, кичевско, имаме и овоштарник и бавчи со секаков зеленчук за наша потреба. Домашни краставици, пиперки, домати, компири, цвекло, моркови, кромид и др.

ЖМ:Во дворот имате и голем број украси, дали сами ги правите украсите?
-Во дворот имам и голем број на украси кои што ги правам јас лично.Тоа ми претставува големо задоволство.Скоро секоја година ги менувам за да биде поинтересно.

РЖМ/Јована Трајковска
Фото:Приватна архива
