КИЧЕЕЦ ОСТАНУВА ВО ЗАТВОР: Кривичен одби да го пушти порано
Зоран Милески Кичеец нема порано да излезе од струшкиот затвор, соопшти Кривичниот суд објавувајќи дека е одбиен предлогот на директорот на КПД Струга за условен отпуст на осуденикот. Кичеец е осуден во предметот „Рекет“ на три години затвор, откако призна вина во овој случај. Казната ја издржува во струшкиот затвор во отвореното одделение.
„Постапувајќи по предлог на Директорот на КПД Струга - Отворено одделение, за условен отпуст на З.М. правосилно осуден во предметот на овој суд со КОК бр. 131/19 во јавноста познат како „Рекет“, Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, по одржана седница на совет на 12.11.2021, донесе решение со кое предлогот се одбива.
Решението во текот на денешниот ден е експедирано до странките во постапката кои имаат право на жалба во рок од 8 дена, преку овој суд до Апелациониот суд Скопје, стои во соопштението од судот.
По неговото барање заседаваше тричлен кривичен совет во петокот, а тоа го темелеше на веќе одлежана една третина од казната за случајот „Рекет“, конкретно, откако помина една година зад решетки.
