КХВ одобри нова емисија на хартии од вредност на КБ Публикум Инвест и Винер лајф
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија даде одобрение на Друштвото за управување со инвестициски фондови КБ Публикум Инвест АД Скопје да издаде втора емисија на долгорочни хартии од вредност по пат на приватна понуда.
Како што соопштија од комисијата, станува збор за 200 обични акции со вкупна вредност на емисијата од 200.000 евра. Зголемувањето на основната главнина на Друштвото ќе се реализира со уплата на нови парични влогови од страна на постојниот акционер Комерцијална банка АД Скопје како институционален инвеститор и тоа за обезбедување услови за непречено вршење на редовното работење на Друштвото и за постигнување на законски предвидената адекватност на капиталот.
На седницата што се одржа денеска, а со која претседаваше претседателката Елизабета Чингаровска, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија донесе Решение со кое на Акционерското друштво за осигурување Винер Лајф - Виена Иншуранс Груп АД Скопје му ја одобри третата емисија на акции по пат на приватна понуда. Со третата емисија, Акционерското друштво за осигурување Винер Лајф - Виена Иншуранс Груп АД Скопје ќе издаде 1.000 обични акции, со продажна цена од 1.000 евра по акција. Третата емисија на акции на Друштвото се врши по пат на зголемување на основната главнина со парични влогови и е наменета за единствениот акционер-институционален инвеститор Vienna Insurance Group AG Wiener Versicherung Gruppe, Република Австрија.
Слично
