Кекеновски: Што ако испадне дека сме имале и „Сваровски“ обвинители во СЈО?
Професорот Јове Кекеновски на својот Фејсбук профил ја покрена дилемата за квалитетот на поднесените обвиненија од страна на СЈО во кои можеби намерно се внесени недостатоци за да бидат одбиени од страна на судовите.
- Рескирајќи да бидам етикетиран како вечен бунтовник, па дури и нихилист, јавно ќе поставам неколку теми и дилеми на кои сметам дека одговор треба јавно да дадат посочените.
Откако спласна еуфоријата во јавноста по поднесувањето на 17 обвиненија за 18 предмети, (против вкупно 94 физички и 7 правни лица) и откако видовме како на тоа одговорија судовите и сите го вперивме прстот кон нив, редно е и од еден друг агол да ги погледнеме работите?
Досега го видовме лицето на „Сваровски” судиите и прашање е на време кога истите ќе си ја добијат заслужената казна, меѓутоа што правиме доколку излезе на површина дека сме имале и „Сваровски” специјални обвинители? И затоа редно е за почеток да ги поставам следниве теми и дилеми:
1. Дали СЈО совесно и професионално си го заврши досегашниот дел од работата!?
2. Дали свесно и намерно во дел од обвиненијата се оставени ,,празнини” за да можат истите полесно да ,,паднат” во вода!? - (читај полесно да се одбранат обвинетите). Односно дали дел од обвинителите и други лица од СЈО тајно колаборираа со обвинетите или со нивната одбрана?
3. Како е можно во поднесените обвиненија никаде да не се посочени сметките на кои легнале украдените пари!?. Зошто јавноста досега не слушна каде и на чии сметки завршиле проневерените пари или пак тоа воопшто не било предмет на нивна работа?
4. Како е можно и зошто е дозволено обвинетите и сведоците да ја опструираат работата на СЈО со цел да не можат да завршат превзементе дејствија, а ниту за еден од нив да не биде побарано стражарно да биде приведен на сослушување? Кој и зошто несакаше или се плашеше да издаде ваква наредба?
5. Зошто СЈО предметот со перење пари на една политичка партија не го заврши до крај? Односно зошто СЈО не почна овој предмет да го работи уште на самиот старт, туку на неколку месеци пред завршување на рокот за поднесување на обвиненија, ако јавно беше познато дека тоа е еден од најобемните предмети кој бара подолго време за спроведување на предистражни и истражни дејствија?.
6. Се погласни се шпекулациите дека за време на истражните и предистражните дејствија голем дел од информациите протекнувале директно до лицата кои биле предмет на овие дејствија, а за тоа ниту еден од СЈО досега нема понесено одговорност! Зошто?
7. Кој и зошто одлучи три предмети (Тврдина, Титаник и Таргет) да се достават до Основниот суд по 16 часот на 30 јуни односно по истекот на работното време? Кој е тој кој вака одлучил и зошто и овозможи на одбраната дури и по овој банален основ (дека се поднесени надвор од законскиот рок) да ги оспорува овие предмети?.
И после сето ова доколку неко(и)ј сметал дека на ваков начин и „Волкот ќе биде сит и овците ќе бидат на број” мислам дека гадно се излажал, пишува професорот Кекеновски.
