Казните за нефер трговски практики може да пораснат до 200.000 евра
Владата најавува измени на Законот за нефер трговски практики, со кои паричните казни за прекршителите би можеле да се зголемат десеткратно. Наместо досегашниот максимум од 20.000 евра, санкциите за трговците и добавувачите што нема да ги почитуваат правилата би можеле да достигнат до 200.000 евра.
Според најавите, измените се очекуваат до крајот на летото, а главниот фокус ќе биде ставен на казнената политика и на доуредување на договорните односи меѓу трговците, производителите и добавувачите. Од Министерството за економија и труд оценуваат дека досегашната примена на законот покажала потреба од дополнителни измени, особено за да се спречат обиди за заобиколување на законските одредби.
Досега, според објавените информации, биле оформени околу 45 предмети за непочитување на Законот за нефер трговски практики, а изречените казни надминале 200.000 евра. Надлежните очекуваат со повисоките санкции да се зголеми дисциплината на пазарот и да се обезбеди поголема заштита за производителите и добавувачите.
Законот има за цел да ги спречи нефер односите во синџирот на снабдување, особено во делот на земјоделските и прехранбените производи, каде најчесто се јавуваат проблеми меѓу добавувачите и големите трговски синџири. Со актуелното законско решение се опфатени 2.546 производи и се идентификувани 26 видови нефер трговски практики.
Паралелно со најавените законски измени, Министерството за економија и труд најавува и нов оперативен план за вработување, кој треба да започне во јуни. Мерките ќе бидат насочени кон младите до 29 години, невработените лица, ранливите категории, како и кон лицата што сакаат да започнат сопствен бизнис или да се вратат и инвестираат во земјата.
