КАЗНИ ОД 1.300 ДО 1.800 ЕВРА ЗА УЗУРПАЦИЈА НА ЈАВНИ ПОВРШИНИ: општина Центар изрече четири казни, најавува засилени контроли
Градоначалникот на општина Центар, Скопје, Горан Герасимовски објави дека инспекторите на општината изминатиов период изрекле четири казни за градење во општината кои незаконски зафаќале и јавна површина.
- Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини и загрозување на безбедноста на пешаците и сообраќајот - објави Герасимовски на својот Фејсбук профил.
Воедно од општината посочуваат дека казнетите компании на јавни површини оставале градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот.
Како што информираат од локалната самоуправа, во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвиле записници и издале прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“. Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
- Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор - рече градоначалникот Горан Герасимовски и порача дека надзорите на градилиштата продолжуваат со несмален интензитет како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор.
