Казна за скопјанец кој не почитувал решение за изолација
Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот суд поднесе предлог за казнен налог од 2.000 евра за скопјанец кој не го почитувал решението со кое му било одредено лекување и изолација во домашни услови.
„Иако со решението од 28.05.2021 година на Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 40-годишниот скопјанец му била одредена домашна изолација во траење од 14 дена заради непосреден контакт со лице заболено со COVID-19, обвинетиот решението не го почитувал и го напуштил домот. При извршена проверка на 04.06 полициските службеници не го затекнале во домот во Кисела Вода, на адресата на која требало да биде во изолација“, се вели во денешното соопштение на ОЈО.
Обвинетиот не постапил според здравствените прописи за време на епидемија и му е определена парична казна од 100 дневни глоби со дневната глоба од 20 евра во денарска противвредност.
