Казна до 10.000 евра за валкани регистарски таблички: Која земја во ЕУ нема толеранција за нечистите возила?
Во зимските месеци многу возачи управуваат со автомобили на кои регистарските таблички се целосно или делумно прекриени со кал, сол или снег. Во која земја во ЕУ може да платите 10.000 евра за тој прекршок?
Во зимски услови кај нас, често може да се забележат и возила со слабо исчистени стакла и речиси невидливи светла.
Но, во Австрија ваквата негрижа може скапо да ве чини.
Австрискиот авто-мото клуб (ÖAMTC) предупредува дека валканите регистарски таблички претставуваат прекршок и дека казните можат да се движат од 20 евра па сè до 10.000 евра.
Порталот Fenix, повикувајќи се на дописнички информации пишува дела валканите регистарски таблички се административен прекршок.
На лице место може да ви биде изречена казна од најмалку 20 евра.
Но, доколку не ја платите и биде покрената прекршочна постапка, сумата може значително да порасне – во одредени случаи и до 10.000 евра.
Експертите појаснуваат дека максималната казна од 10.000 евра е законски предвиден максимум кој важи за различни прекршоци според Законот за моторни возила – од технички неисправно возило до нечитлива табличка.

