Економија, финансии, бизнис

Контакт

Казандол ќе биде смртна пресуда за валандовската калинка, јапонското јаболко и смоквата

Казандол ќе биде смртна пресуда за валандовската калинка, јапонското јаболко и смоквата

Отварањето  на рудникот  за бакар кај Казандол ќе биде закана за земјоделството во Валандово, велат од иницијативата „Спас за Валандово“.

Валандовскиот крај е познат по неколку успешно брендирани  земјоделски  производи. Брендирањето е градено  долги години наназад како еколошки чисто и органско овошје, а  тоа се валандовската калинка, јапонското јаболко и смоквата, објаснува Роберт Марков од „Спас за Валандово“.

Земјоделството е основна дејност на повеќе од 6000 жители во валандовско, а на сите други останати жители земјоделството им претставува дополнителна дејност со која остваруваат дополнителна дејност. Тоа значи дека 6000 луѓе ризикуваат да го изгубат својот приход , а повеќе од 10 000 жители својот дополнителен приход.

„После отварање на еден ваков проект класифициран во класата Г1 Тешка и загадувачка индустрија во валандовската околина, не верувам дека некој потрошувач ќе сака да стави дома на својата трпеза некој од овие производи. Дури и хипотетички да нема загадување како што тврди концесионерот  што е невозможно , после отварањето на рудникот земјоделците тешко дека ќе можат да ги пласираат своите производи на домашниот или на странските пазари.Вработените во услужните дејности, преработувачките капацитети, текстилната индустрија  кои неможат да опстанат со своите мизерни плати далеку под просечните,  домашниот буџет го дополнуваат со продажба на земјоделски производи, а со тоа тие ќе го изгубат дополнителниот приход. Со тоа ќе ги изгубат парите за годишен одмор, партиципација за школарина на своите деца, облека, итн“ – вели  Марков.

Целиот рударски комплекс е оддалечен 2 километри воздушна линија од градот Валандово,  а населени места кои најмногу ќе бидат погодени се Казандол, Брајковци, Балинци и градот. Во непосредна близина има обработливо земјиште на кое има засадено винова лоза, овошки, а тука се наоѓаат и едни од најголемите оранжерии за раноградинарски култури во  Македонија, кои ќе имаат можеби најголемо негативно влијание од работата на овој рударски комплекс.

„Податоци и анализи има многу, но ајде да ги земеме податоците објавени во студијата за влијание на животната средина на инвеститорот. Во нивната студија стои дека може да  има испарување од процесот на лужење, испарување од езерата и прашина и дека при процесот на електролиза може да  има појава на киселински магли. Сите активности кои ги има во овој процес на производство, од лужење до електролиза стои дека може да има потенцијално загрозување на површинските води, подземните води , почвата и воздухот. Во самата студија стои дека за производство на еден тон бакар потребни се 6 тони на сулфурна киселина, тоа значи дека најмалку една цистерна на сулфурна киселинаH2SO4ќе доаѓа во Валандово секој ден во период од 15 години. Ако  има можност за загадување на почвата, водата и воздухот нормално е и дека може да  има загрозување на здравјето на луѓето. Некои лекари одат дотаму па велат дека во првите 2-3 години најпрво може бидат загрозени жителите на село Казандол со појава на црвенило на очите, а подоцна и слепило од сулфурната киселина која ќе им биде на неколку метри од  дворовите“ – додава Марков.

Од иницијативата „Спас за Валандово“ го завршија првиот чекор од собирањето потписи.  Наместо потребните 100 во рок од 2 часа собраа 256 потписи од загрижените граѓани и ги доставија до претседателот на Советот на Општина Валандово. Претседателот сега има рок од три дена да им  даде зелено светло за собирање на потребните 2000 потписи за покренување на референдум. До организирањето на референдумот иницијативата „Спас за Валандово“ ќе продолжи со континуирано  анимирање на населението. Тие планираат да оддржат неколку трибини со присуство на домашни експерти и признати експерти од странство кои сакаат да му помогнат на населението да осознае дека ако дозволат да започне со работа еден ваков рудник самите си потпишуваат смртна пресуда.

Пред валандовчани, граѓаните на Гевгелија на референдум кажаа „не“ за отварањето на рудници за злато на Кожув. Граѓаните на општина Богданци на 11 јуни годинава на референдум ќе се изјаснат дали се за или против работата на рудникот за бакар Казандол кај Валандово. Ваква одлука донесе општинскиот совет по иницијативата поднесена од граѓанското здружение „Спас за Богданци“.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести