Катица за притворот на Кочан дознала од медиумите
Специјалното јавно обвинителство(СЈО) за изречената мерка „притвор“ за првоосомничениот во предметот „Труст“ дознало од медиумите, а не преку телефон.
„За фактот дека е донесена одлука по жалбата на ова Јавно обвинителство и дека е изречена мерка притвор против осомничено лице во случајот “Труст” дознавме од медиумите. Во насока на проверка на информациите дали навистина е донесена судска одлука ја контактиравме судијата која претседаваше со Кривичниот совет и која не извести единствено дека е донесена одлука по жалбата и дека одлуката ќе ни биде дополнително доставена“, се вели во реакцијата на СЈО, објавена на нивната интернет страница.
Реакцијата следеше откако во дел од медиумите се пројавија неточни толкувања на изјавата на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, дадена по повод новинарско прашање поврзано со определувањето на притвор на еден од осомничените лица во случајот “Труст”.
