Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАТАСТРОФАЛНА СОСТОЈБА ВО ЈСП: Од 341 автобус, во сообраќај се пуштаат 157, мал дел се со највисоки еколошки стандарди, а изгубени се околу 30 милиони патници годишно

КАТАСТРОФАЛНА СОСТОЈБА ВО ЈСП: Од 341 автобус, во сообраќај се пуштаат 157, мал дел се со највисоки еколошки стандарди, а изгубени се околу 30 милиони патници годишно

Анализа на Центарот за граѓански комуникации покажува сериозно влошување на состојбата во ЈСП Скопје, со намален број автобуси, зголемена просечна старост на возилата и значителен пад на бројот на патници.

Според податоците, од вкупно 341 автобус со кои располага претпријатието, дневно исправни се 185, а во сообраќај се пуштаат 157 возила. Во споредба со 2015 година, кога ЈСП имало 430 автобуси, денес има 89 помалку. Бројот на дневно исправни автобуси е намален од 316 на 185, што претставува пад од околу 40 проценти.

Просечната старост на возилата достигнала 13,3 години и е во пораст од 2021 година. Поголемиот дел од возниот парк го сочинуваат 210 автобуси од марката „Јутонг“ и 64 од „ЛАЗ“, што е над 80 проценти од вкупната флота. Само мал дел од автобусите ги исполнуваат највисоките еколошки стандарди, додека останатите се во пониски категории.

Анализата укажува и на драматичен пад на бројот на патници. Во изминатите десет години, ЈСП изгубило околу 30 милиони патници годишно – од над 50 милиони во 2015 година на околу 22 милиони во 2025 година. Иако дел од намалувањето се поврзува со пандемијата, трендот продолжил и по нејзиното завршување.

Во финансиски аспект, претпријатието остварува просечни годишни приходи од околу 29 милиони евра. Приближно половина од приходите доаѓаат од продажба на билети, а значителен дел од субвенции за бесплатен превоз и покривање на трошоците. Иако за 2024 година е прикажана добивка, анализата посочува дека реалниот финансиски резултат би бил значително понизок доколку биле евидентирани сите обврски кон приватните превозници.

Заклучокот е дека капацитетите на ЈСП се во континуиран пад, што директно влијае врз квалитетот на услугата и довербата на граѓаните, додека одржливоста на системот сè повеќе зависи од буџетска поддршка.


Слично

Поврзани вести