Касами: Еден кандидат од листата на Заев може да поддржиме
Билал Касами, лидерот на Беса, по завршувањето на денешната средба со премиерот Зоран Заев рече дека еден кандидат од предложената листа на претседателот на СДСМ за консензуален шеф на државата е прифатлив за опозициската партија.
- На еден таков кандидат би му била потребна нашата поддршка, но таа нема да биде безусловна. Ние сме опозициска партија, па според тоа условите кои ги поставуваме се идниот претседател на Македонија да ги штити граѓаните од корупција и од илегални активности. На последните парламентарни избори освоивме 60.000 гласа и според тоа бараме идниот шеф на државата да биде претседател подеднакво за сите етнички заедници. Во следните денови раководството на партијата ќе даде одговор за тоа дали се согласуваме - рече Касами.
Беса е првата опозициска партија со која Заев влезе во преговори за концептот консензуален претседател. претходно одржа средби и со лидерите на ДУИ, ДПА и „Алтернатива“.
- Тие се опозициска партија и добро е што прифатија да ги слушнат нашите аргументи. Тие правеле сопствени анализи а сега треба да ги разгледаат нашите. Верувам дека не е невозможно да се дојде до договор - рече Заев
