„КАРПОШ Е 15 ГОДИНИ ПРЕД СИТЕ ОПШТИНИ“: Јакимовски најави кандидатура за нов градоначалнички мандат
Актуелниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски ја најави својата кандидатура за нов мандат. Според него, довербата од граѓаните не се должи на симпатии, туку на резултати.
„Одлуката ја донесов по долготрајни консултации со граѓаните и по внимателно следење на јавното мислење. Сите ме знаете, мојот телефон е отворен и комуницирам со секого – токму тоа е доказ дека постои силна поддршка и желба повторно да ја водам општината. Карпош е десет до петнаесет години пред било која општина во Македонија. Имаме модерна инфраструктура, реновирани училишта и градинки, подобрени услови за образование и спорт, како и подготвена администрација која стои зад секој реализиран проект“, вели Јакимовски.
Според него, предизвици постојат и натаму, пред се паркирањето и одржувањето на хигиената и зеленилото.
„Ќе инсистираме на нови законски решенија за хигиената и зеленилото, затоа што е недозволиво десетина градоначалници и стотици функционери да бидат надлежни, а резултатите да бидат катастрофални. Одговорноста мора да е јасна и да дојде кај локалната самоуправа,“ додаде Јакимовски.
Вели дека Карпош ќе продолжи со унапредување на училиштата – со нови системи за греење и ладење, топлотни пумпи и батерии за складирање струја, што дополнително ќе ги намали трошоците, а ќе се зголемат стимулациите за реновирање на кровови и лифтови, ќе се продолжи со субвенциите за полагање возачки испити за средношколци, а проектите ќе се прошират со покривање на дополнителни трошоци.
Најавени се и нови стимулации за бушотини и системи за наводнување, субвенции за електрични возила во општината, поголем акцент на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина.
„Карпош мора да има свој пензионерски дом со капацитет од 150 до 200 легла. Тоа е голема потреба за нашите повозрасни сограѓани, и како
општина ќе вложиме напори да обезбедиме финансиска конструкција за реализација“, рече Јакимовски.
Тој порача дека Карпош секогаш ќе биде чекор пред останатите општини и дека изборите се можност за граѓаните повторно да ја одберат патеката на развој, а не тапкање во место.
