Карантинот кој го воведе Албанија ќе „удри“ по Македонците од пограничните места кои работат во земјава
Во Албанија двонеделниот карантин останува на сила за секој што доаѓа од Грција и Македонија, но од оваа одлука штета трпат Македонците кои живеат во пограничните места и работат во нашата земја.
Поради карантинот, попречено е нивното нормално функционирање откако од Македонија ќе заминат дома во Албанија. Но, нема точна бројка за тоа колку луѓе директно се засегнати од оваа мерка. Сепак, станува збор за средовечни луѓе, додека младите поретко доаѓаат на работа во Македонија. За да опстанат тие се решиле да си ја пробаат среќата во Македонија, тука пронашле работа, но сега стравуваат за работниот ангажман.
„Со карантинот воведен од Албанија, Македонците од областа Голо Брдо и Мала Преспа имаат најголема штета, бидејќи работат сезонски во пограничните места во Македонија, како и во внатрешноста, најчесто во градежништвото. Ако јас сум Македонец од Албанија кој работи од понеделник до петок во Македонија, и штом за викенд ќе се вратам во Голо Брод, треба да одам во карантин 14 дена, а од понеделник сум на работа и тука настанува проблемот“, вели Никола Ѓурѓај од Македонското друштво „Илинден“ од Тирана.
Сопственик на градежна фирма од Дебар вели дека има луѓе кои од Албанија доаѓаат да работат во земјава, и според него оваа мерка засега нема да создаде проблеми, но ако се продолжи ќе биде потешко за работниците.
„Тие доаѓаат во Дебар и околината, работат, сами си наоѓаат ангажман, затоа што овде се бара работна сила. Засега според мене нема да има некој посериозен проблем поради карантинот. Можат да паузираат до 3 мај, да одморат, да ги поминат празниците дома“, рече тој.
Но, карантинот претставува проблем и за младите Македонци од Албанија кои се школуваат во нашата земја.
„Јас и сестра ми сме во карантин од 14 дена откако се вративме од Македонија. Очиме онлајн, но бевме да се фотографивме за матура, и сме во карантин“, вели Сара Џелили, Македонка од Елбасан која се школува во Охрид.
Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски, реагираше за одлуката на албанскиот Комитет на експерти за справување со пандемијата, за воведување двонеделен карантин за сите кои доаѓаат од Македонија и кажа дека одлуката е избрзана и погрешна.
Народниот правобранител во Албанија бараше укинување на мерката, а Управниот суд се произнесе за ненадлежен. Дел од македонските граѓани кои планирале да патуваат во Албанија за праниците, ги откажале патувањата. Поради воведениот карантин, многу Македонци кои со една нога се во Албанија, а со една во Македонија, не гласаа на изборите, со што губи македонското малцинство во оваа соседна земја. Одлуката за карантин важи до 3 мај.
Сања Атанасовска