КАРАКАЧАНОВ: Никаде во својата објава не кажав дека објавените имиња се македонски политичари
Бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер Красимир Каракачанов, во изјава за Сител вели дека никаде во својата објава не кажал дека објавените имиња се македонски политичари.
Вели дека македонските политичари одамна станале мајтап, не само во Македонија туку во целиот свет.
„Но, во Бугарија законот е ваков: 40 дена пред изборите секоја општина објавува списоци на луѓето кои имаат право на глас. Јас си поиграв малку, и почнав да ги гледам кои може да гласат во Ќустендил, Благоевград, Софија и има многу македонски со бугарско државјанство. И има многу интересни имиња.“, вели Каракачанов.
Тој потоа кажува дека никаде во објавата не кажал дека се поранешни или сегашни политичари и пратеници.
Каракачанов претходно објави дека на избирачкиот список имало имиња како Александар Николоски, Марија Петрушевска, Антонио Милошоски, Никола Мицевски, Стефан Андоновски, Иван Јорданов, Игор Здравковски, Марија Андоновска, Бојан Стојановски, Дејанчо Ефтимов и Здравко Трајанов.
Никола Мицевски, кординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, демантира дека пратеници и функционери на партијата имаат лични карти и државјанства на Република Бугарија.