КАНАЛИЗАЦИОНАТА МРЕЖА НА БАРДОВЦИ ЌЕ СЕ ПРИКЛУЧИ НА ГРАДСКАТА: Весковски отвори промотивна канцеларија во Бардовци
Душко Весковски, кандидат за градоначалник за општина Карпош од СДСМ отвори промотивна канцеларија во Бардовци. За овој дел од Карпош се предвидува приклучувањето на локалната канализациска мрежа во канализацискиот систем на град Скопје.
„Целта на овој проект е прием на постојната канализациска мрежа во населбата во сеопфатниот градски систем. За таа намена, прво ќе биде изработена проектно-техничка документација за фекална канализација, која ќе биде во согласност со планската документација. Врз основа на тоа ќе биде утврдено кои делови од постојната мрежа ќе бидат задржани во употреба, а кои делови ќе се реконструираат, информираат од штабот на Весковски.
Се планира и уредување на просторот пред објектот на Месната заедница. Целта на овој проект е да се уреди запуштениот простор во кој доминираат остатоците од старото училиште и современо да се уреди со воведување зеленило и урбана опрема, за зголемување на квалитетот на живеење во оваа атрактивна населба. Весковски ветува дека ќе се работи и на решавање на проблемот со нелегално фрлање отпад и
градежен шут по текот на реката Лепенец.
Овој повеќегодишен проблем е одраз на непочитувањето на законите, но целта е во најкус рок по преземањето на мандатот, да се обезбеди доволен број комунални редари и да се подобри нивната работа. Со интензивирање на контролите се очекува да се подигне нивото на одржување на комуналниот ред во општината, но истовремено преку санкционирање на прекршителите, да се зголемат и приходите на општинскиот буџет, стои во соопштението.
Промотивната канцеларија останува отворена за прашања и предлози.
