КАМИКАЗА СЕ ОГЛАСИ НО НЕ КАЖУВА НА КОГО ГИ ДАВА ГЛАСОВИТЕ - нека победи подобрата или подобриот
Перо Георгиевски Камиказа, кандидат на Левица на овие избори, кој според досега обработените гласови е на трето место, засега не се изјаснува дали и на кого ќе му ги даде своите гласови, односно за кого ќе препорача да гласаат неговите гласачи на вториот изборен круг.
Тој денеска на фејсбук напиша дека се заблагодарува на сите кои му дадоа поддршка, како и дека остава да победи подобрата или подобриот на вториот изборен круг.
„Бронзата е медал за на маратон, но не и за избори. Во благодарам за поддршката и за искрените намери. Нека победи подобрата или подобриот“, напшиша на фејсбук Камиказа.
Според досега обработените податоци од ДИК, а тоа се според најновите бројки 88,55 отсто од гласовите, Георгиевски е на трето место и има освоено 8,63 отсто од гласовите, односно за него гласале 17.483 гласачи.
Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ има 37,06 отсто или 75.083 гласачи, додека кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник Петре Шилегов, според досега пребројаните гласови, има 34,93 отсто или 70.768 гласови.
На четврто место сега изби независната кандидатка Ана Петровска, со освоени 4,07 отсто или 8.238 гласови, а веднаш зад неа е Арбен Шакири, со освоени 4,05 отсто или 8.200 гласови.
Така што, сега разликата меѓу Арсовска и Шилегов е 4.315 гласа во корист на Арсовска, па во вториот круг пресудно ќе биде каде ќе отидат гласовите на Камиказа, Петровска и Шакири.
Н.Н.Ф.
