„Каменоломот на Нефи Усеини го загадува воздухот и го загрозува здравјето на луѓето“: Левица бара почитување на законите
Неконтролираната прашина што ја создава каменоломот во село Климештани го загадува воздухот и го загрозува здравјето на луѓето. Истовремено директно влијае на квалитетот на земјоделските расади, од кои зависи голем дел од животната егзистенција на мештаните.
Ова го истакнуваат од политичката партија „Левица“ кои денеска објавија соопштение со кое ги поддржуваат жителите на Охридско кои се жалат на влошени услови за живот поради каменоломот во селот Климештани.
- Деновиве жителите од село Климештани (Охридско) алармираат за сериозните проблеми кои ги причинува каменоломот во ова село, кој е во владение на познатиот локален шериф од ДУИ, Нефи УСЕИНИ.
Дополнително, уништувањето на селскиот пат од тешките камиони е уште еден проблем за локалното население. Иако компанијата има преземено обврска да го одржува патот, очигледно дека договорот не се почитува - велат во соопштението испратено до медиумите.
Додаваат дека револтот на жителите од с. Климештани расте и истите не ја исклучуваат можноста за протести и блокади.
Поради ова од партијата алармира надлежните институции веднаш да излезат на терен и да констатираат дали компанијата на Нефи Усеини врши експлоатација во согласност со законските параметри.
- Правото на здрава животна средина е неприкосновено и не смее да биде нарушено поради бизнис интересите на локални моќници! - нагласуваат на крајот од соопштението од „Левица“.
Фото: Принтскрин/Јутуб
