Камбовски: Организирано бојкотирање на референдум е противзаконско
Организираните форми на бојкотирање на референдумот на 30 септември е противзаконско и станува збор за кривично дело бидејќи се попречува спроведување на донесена одлука од легитимна институција, вели поранешниот претседател на МАНУ, Владо Камбовски, за СДК.
Одлуката за граѓанското изјаснување „ за тоа дали сте за членство во НАТО и ЕУ со признавање на Договорот со Грција“ ја донесе Собранието на РМ со распишување на референдумот.
Според академик Камбовски, секој може јавно да го каже своето мислење дали е „за“ или „против“ поставеното референдумско прашање или е за бојкот на референдумот, но никако не смее да ги организира граѓаните да не излезат да гласаат.
„Никој не смее да ги организира граѓаните да не се изјаснат. Политичките партии треба да се тргнат од таа работа. Не е ни етички ни морално да агитирате, да делите материјали, да одржувате собири или протести со цел да ги убедувате граѓаните да го бојкотираат изјаснувањето „за“ или „против“ референдумското прашање. Референдумското прашање е изгласано и референдумот е закажан со одлука на Собранието. Таа одлука е законита. Тоа е како судот да донел одлука (пресуда), а некој да ги организира граѓаните таа законска одлука да не се спроведе“, споредува Камбовски.
