КАЛАЈЏИЕВ: НИ ЕДЕН ПРАВНИК НЕ СЕ ИЗЈАСНИ ПОЗИТИВНО, БЕГОВА: ПРО БОНО ЌЕ ГИ БРАНАМ ЗАСЕГНАТИТЕ - правната фела на нозе против предлог законот за рестриктивни мерки
Се чини како правната фела во државава да се крена на нозе против предлог законот за рестриктивни мерки кој го турка власта, и во чија одбрана застануваат владините министри.
Работите одат и дотаму што се најавува дека доколку се донесе вакво законско решение, тоа ќе биде оспорено пред Уставниот суд на земјава, а дел од адвокатите најавуваат и дека про бпоно ќе ги бранат сите лица кои би биле засегнати од овој закон.
Професорот Гордан Калајџиев повторно упати жестока критика за предлог законот за рестриктивни мерки.
Тој, преку свој фејсбук пост, реагира и на изјавата на вицепремиерката Славица Грковска, која, како што вели, експертите што даваат забелешки на овој предлог закон ги нарекува квази експерти, а упатува критика и до министерот за внатрешни работи Бујар Османи, за кого потсетува дека е хирург. Според него, не може само овие министри да се прогласуваат дека и сакаат добро на земјава, наспроти правните експерти, кои ја критикуваат неговата издржаност.
„Досега не сум слушнал еден (?!) правник да каже нешто во одбрана на Законот за рестрикции! За Грковска (математичар) сета лавина од критики е од страна на „квази експерти“ што не и сакаат добро на државата (тоа само таа и Бујар (хирург) и’ го сакаат!? Бре бре…“, пишува професорот Калајџиев во својот статус.
Неговиот пост предизвика и серија други критики и забелешки на овој предлог закон, а меѓу нив може да се издвои и коментарот на адвокатката Анита Бегова.
Според неа, овој предлог закон е неуставно и ступидно законско решение, притоа потсетувајќи дека во земјава, барем според Уставот, сопственоста е загарантирана.
Бегова оди и чекор подалеку и најавува дека за овој предлог закон ќе поднесе и иницијатива пред Уставниот суд, како и дека про боно ќе ги брани сите лица што ќе бидат засегнати од тој закон.
„Со индигнација одбивам да се впуштам во дискусија за неуставни и ступидни законски решенија кои се носат само за да се додвори нашата некадарна и вазалска власт, кон државата која донела некакви рестриктивни мерки, кои важат за некое лице на нивна територија. Во нашава држава, барем по устав сопственоста е загарантирана, а кривична одговорност се утврдува според КЗ во кривична постапка утврдена со ЗКП. И пошто не сакам да полемизирам на темава, ќе поднесам иницијатива пред Уставен и про боно ќе ги бранам сите што ќе бидат засегнати од овој закон“, пишува адвокатката Бегова во својот коментар на фејсбук.
