Калајџиев: Ме чуди што немаше реакција од Владата и од претседателот за случајот со Русковска
Професорот Гордан Калајџиев изрази чудење што никој од извршната власт не упатил јавна реакција за последните случувања во Основното јавно обвинителство, каде што шефицата за организиран криминал Вилма Русковска доби суспензија на работното место.
- Ме чуди што не реагираше никој од Владата, од Министерството за правда, па и претседателот на земјата, кој во оваа ситуација би свикал Совет за Безбедност, рече Калајџиев.
Тој е зачуден и од постапката на главниот обвинител на ОЈО, Љубомир Јовески, кој според професорот, во ваква ситуација кога има нетрпеливост на релација со Управата за финансиска полиција, требало да застане во јавна одбрана на Русковска.
- Тоа се претвори во внатрешен судир со републичкиот обвинител, кој треба да ги поддржи своите и да ги оневозможи притисовците врз нив, вели професорот.
Тој смета дека Русковска нема поддршка ниту од позицијата, а ниту од меѓународниот гактор.
- До сега гледаме дека нема поддршка, за жал, многу резервирано го следат и меѓународната заедница, и странските амбасади и ЕУ, зачудувачки, можеби бараат повеќе информации. За мене оваа состојба е алармантна во смисла дека се распаѓа правниот систем, загрижен е Калајџиев.
