Калајџиев: Доказите за набавката на опрема за УБК во случајот „Трезор“ се претпоставки
Случај базиран на претпоставки, доказите се претпоставки, а јавниот обвинител не отишол подалеку од првичните сознанија, вели универзитетскиот професор Гордан Калајџиев коментирајќи во однос на случајот со име „Трезор“ кој се однесува на набавката на опрема за потребите на УБК. Тој вели дека сега сепак судот е под притисок.
При гостувањето на Топ тема на телевизија Телма Калајџиев рече дека најспорен е моментот во кој се претпоставува одредена материјална штета, без да се понуди економско вештачење. Притоа се оспорува идејата за набавка преку фирмата застапник, наместо набавка директно од производителот.
„Викаат имало дистрибутер. Па нормално е да има дистрибутер. Вие сега и лекови набавувате преку дистрибутери. Која е гаранцијата дека би била поефтина цената ако се одело директно со проиводителот, кога и така не е наведена цената, вели Калајџиев.
Според Калајџиев, нема логика да се тврди дека е предизвикана некаква материјална штета, а да не може да се наведе кој имал противправна имотна корист и колкава била таа. Апсурдно е за Калајџиев да се претпоставува дека Сашо Мијалков или кој било друг функционер би сакал да направи штета на инситуцијата која што ја води без да има некаква корист. Тоа би значело дека самиот си става крај на политичката кариера.
Ваквиот начин на конструирање на предметите, Калајџиев го толкува како обид на обвинителството да протне некаква формулација, за да обезбеди полесен пристап до осудителна пресуда без утврдени дејствија на извршување.
„Има многу претпоставки кои не се докажани, а се темелат на некакво влијание на Мијалков и на Груевски. Самото обвинителство тргнува од претпоставка дека тие не вршеле набавки. Претпоставката е дека влијаеле врз оние кои набавувале, а тие се повикуваат како сведоци. Се креира слика дека обвинетите се лошите кои имале моќ да влијаат. Ниедно дејствие не покажува како е вршено влијанието. Дури и да имало влијание, тоа е друго дело. Имавме расправа за 353 е од секундарен карактер и тоа е општо дело. Ако имате незаконско влијание, тоа е друго дело 359 и со многу пониска казна, смета Калајџиев.
Додава и дека не би сакал да биде на местото на обвинетите, бидејќи во моментов судот е под притисок, особено во предметите за кои постои поголем интерес во јавноста која како што вели е навивачки ориентирана.
Основниот кривичен суд во Скопје пресудата за предметот „Трезор“, кој се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија, ќе ја објави на 13 април.
