Какви задачи ќе ги чекаат новите директори на БЈБ и УБК?
Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање добија нови директори во Велковски и Николовски и додека се чекаат структурни реформи во МВР со нови подобри законски решенија неопходно е двајцата да спроведат правилни чекори за враќање на професионалноста на одделите кои ги водат.
Новите директори во МВР треба да спроведат булдожер реформи и итно да преземат санкции за раководителите и старешините кои се посочени за одговорни за упадот во законодавниот дом.

„Директорите на овие две институции треба да ги забрзаат постапките во содејство со секторот за внатрешна контрола, за утврдување на одговорност со што сами за себе ќе си отворат простор за да може да назначат и да постават професионалци на тие раководни позиции за да во иднина не ни се случуваат такви настани како на 27 април“ изјави Љубомир Ѓурчевски – поранешен началник на МВР.
Според Ѓурчевски, во БЈБ и УБК се партизирани и депрофесионализирани поради вработувањето кадри без обука и адекватно образование. УБК, според познавачите, е клучниот орган кој го сузбива или создава организираниот криминал.
„Проблемот со УБК е дотолку поизострен, што во последните години, особено по 2010 настана целосна партизација, односно почна да има вработување на лица кои не поминаа никакви соодветни обуки, туку директно се внесоа во насока да му служат на криминалот“, смета Ѓурчевски.
Службите мора да бидат професионални, но дали и понатаму ќе се прислушкува зависи од министерот – смета Ѓурчевски. Тој вели дека не очкува досегашната пракса на прислушкување да продолжи и со новите директори. Освен оперативните, екпертите бараат и законски реформи во секторот, бидејќи, како што велат, службите во МВР работат со испреплетени надлежности и несоодветни овластувања. Најважните измени треба да се случат во криминалистичкиот оддел кој останува со полни раце работа. Голем дел од случаите останаа нерешени, токму поради неуспехот на службите да обезбедат релевантни докази.
Извор: ТВ 24
