Економија, финансии, бизнис

Контакт

Какви симптоми предизвикува штетната состојка најдена во млекото APTAMIL 2 и што треба да направите ако веќе сте го купиле?

Какви симптоми предизвикува штетната состојка најдена во млекото APTAMIL 2 и што треба да направите ако веќе сте го купиле?

Што е Цереулид, опасната состојка што е најдена во адаптираното млеко АPTAMIL, заради која Агенцијата за храна и ветерина даде итна препорака за повлекување на производот од пазарот?

Во текот на вчерашниот ден (27.01) АХВ излезе со итно соопштение за повлекување на производот  APTAMIL AR 2, ENG 24×400 g, серија 2027.01.02, во вкупна количина од 912 парчиња со потекло од Ирска кај кој е утврдено присуство на Цереулид (cereulide), а како извор на контаминацијата, во нотификацијата наведено  е маслото ARA.

„Со контролатата утврдено е дека целокупнатата увезена количина е дистрибуирана на пазарот во Македонија, односно, производот не е пронајден во магацините на увозникот и дека, како што и самиот оператор ја известил Агенцијата и јавноста, веќе се врши итно повлекување на дистрибуираните количини од овој производ од пазарот.

Апелираме до потрошувачите кои го имаат купено производот со наведениот лот и рок на употреба истиот да не го употребуваат, или да го вратат на местото каде што го купиле“ - информираа вчера од АХВ.

Што е цереулид и какви симптоми предизвикува?

Церулид е термостабилен токсин што го произведува бактеријата Bacillus cereus, која може да се развие во храна.

Најчестите симптоми се повраќање и дијареја, кои се јавуваат брзо – од 30 минути до три часа по внесувањето, и често личат на стомачен вирус.

Кога започнала контаминацијата?

Инаку, скандалот со адаптираното млеко во европските земји се провлекува неколку месеци наназад.

Како што пишува Euronews, контаминацијата датира од почетокот на декември минатата година. На 10 декември, „Нестле Франција“ објави повлекување на адаптирано млеко произведено во фабриката во Нунспет, Холандија, поради сомнеж за присуство на церулид, пренесува Женски магазин.

Подоцна е утврдено дека контаминацијата потекнува од еден кинески добавувач на ARA масло (арахидонска киселина) – клучна состојка во премиум формулите за доенчиња.

Според информациите што новинската агенција ги добила од француското Министерство за земјоделство, од крајот на декември 2025 година, сите производители на адаптирано млеко во светот што користеле ARA масло од овој добавувач биле обврзани да спроведат сопствени анализи на ризикот.

Во почетокот на јануари 2026 година, „Нестле“ го прошири повлекувањето на дополнителни серии во повеќе од 60 земји, што прерасна во едно од најголемите повлекувања во историјата на компанијата, опфаќајќи брендови како SMA, Beba, Guigoz и Alfamino.

И други компании повлекуваат производи

Француската компанија „Лакталис“ во јануари ги информираше властите дека спроведува анализа поради можноста и нејзини производи да содржат ARA масло од истиот добавувач. По завршувањето на анализата, компанијата утврди можен ризик и повлече серии од адаптираното млеко Picot, дистрибуирани во 18 земји.

Овие производи биле на пазарот од јануари 2025 година, со рок на траење до март 2027.

И „Данон“ потврди повлекување на одредени серии поради потенцијална контаминација, главно од брендот Aptamil и сродни производи во Европа, Обединетото Кралство и Азија.

Дополнително, компаниите Vitagermine и Hochdorf Swiss Nutrition повлекоа серии адаптирано млеко во Франција и Швајцарија.

Кај нас се проверуваат и другите видови на адаптирано млеко

Како што вчера соопшти АХВ, во однос на скандалот што ја тресе Европа со адаптираното млеко, Агенцијата проверува дали некои од споменатите брендови се увезени во земјава, иако засега за нив нема добиено известување преку  Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија.

„Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата и доколку се јави потреба навремено ќе реагира со преземање на соодветни мерки за заштита на животот и здравјето на бебињата“ - нагласија оттаму.

Фото: Freepik


Слично

Поврзани вести