Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАКВИ ПОРАКИ УПАТИЈА ПЕНДАРОВСКИ И КОВАЧЕВСКИ ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА? Претседателот вели дека имаме сили, Ковачевски тврди дека имаме демократска должност

КАКВИ ПОРАКИ УПАТИЈА ПЕНДАРОВСКИ И КОВАЧЕВСКИ ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА? Претседателот вели дека имаме сили, Ковачевски тврди дека имаме демократска должност

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се обрати и со видео порака, во чест на денешниот голем државен празник 8 Септември, со којашто на сите граѓани во државата го честита Денот на независноста на Републиката.

- Денешниот 8 Септември, денот на независноста на Република Северна Македонија го дочекуваме во напредна држава, членка на НАТО и држава со реални перспективи за членство во Европската Унија до 2030 година.  

 
На овој датум, пред 32 години, огромно мнозинство од граѓаните се изјаснија дека сакаат да живеат во независна, самостојна, суверена и прогресивна држава.

Генерациите од 1991-та година, ги водеше гласот за слобода, државност и интеграција, што одекнува од Илинден 903-та и АСНОМ 44-та година. И тие одговорија со граѓанска и политичка одговорност кон аманетот и перспективите.
 
32 години по прогласената независност на нашата Република, Гласникот на слободата, 8 Септември, денес бара слух од сите нас, за континуиран развој.
 
Денешниот 8 Септември повикува на слободно одлучување како демократска должност, за подобар живот на сегашните и идните генерации.
 
Со разумни и храбри одлуки нашата држава дојде до независност по мирен пат и притоа ја сочува унитарноста. Воведовме своја државна валута. Знаме. Химна. Станавме членка на Обединетите нации. Надминавме воен кофликт. Станавме членка на НАТО. Отпочнавме преговори со Европската Унија. 

Денес живееме во држава со осигурани територијални граници. Со признаен македонски јазик и македонски идентитет. Држава којашто е пример за почитување на човековите права, како успешна, мултиетничка и мултикултурна функционална демократија. Европа во мало.
 
Ако некогаш било вистинското време: да го обезбедиме животниот стандард што го посакуваме, квалитетот на живот што го заслужуваат нашите млади, да живееме во земја во којашто владее функционално право, во еколошки чиста, зелена средина, енергетски независна држава, со конкуретно земјоделство, со шанси за пристап до европскиот пазар од половина милијарда луѓе – тоа е денес.
 
Интеграцијата во ЕУ за нас дома значи уште погoлeми плати, нови работни места и поголем избор, повеќе современи градинки, училишта и болници, многу поголема државна поддршка за домашните претпријатија, уште повеќе странски инвестиции. Граѓаните денес сакаат да живеат во ваква, современа држава, којашто е дел од Европската Унија.
 
Почитувани граѓани - нека ни е честит и вековит 8 Септември – Гласник на слободата, се вели во видео честитката од премиерот Ковачевски.

Смислата на постоењето на републиката е да го оствариме заедно она што не можеме да го постигнеме засебно ‒ слобода, правда, економска благосостојба и соживот. Како што секој успех на македонската држава до сега е плод на заеднички напори, така и речиси секој системски неуспех е последица на отстапувањето од тој принцип. Нека ни е честит Денот на независноста, Да ни е вечна македонската република, порачува Претседателот Стево Пендаровски во видео - честитка до граѓаните по повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.

Пред точно 32 години, ги паметиме зборовите на првиот претседател Киро Глигоров: „да ви ја честитам на сите слободна, суверена и самостојна Македонија”.

- Низ годините бележевме и успеси и неуспеси, некои од нив се случија токму на денот на независноста. Успесите не радуваа, но, за жал, примерите на злоупотреби и системски потфрлања ја рушеа довербата во институциите и ја обезвреднува самата држава. А цената ја плаќаат оние кои најмалку придонеле за таквите состојби ‒ учениците во образованието, болните во здравството, сиромашните и младите. Сè почесто солидарноста и емпатијата започнаа да им отстапуваат место на себичноста и апатијата, а, тоа е амбиент во кој луѓето не сакаат да живеат, порачува Пендаровски.

Знам, продолжува Пендаровски, дека ова не се вообичаени празнични пораки, но, се неопходни, затоа што, граѓаните на 8 септември 1991-та гласаа за уредена и просперитетна Македонија која се уште ја немаме. 

- Денес нам ни е потребен нов колективен напор, но, притоа, карактерот на тој потфат треба да биде соодветен со времето во кое живееме. Од нас денес не се бара илинденскиот или партизанскиот хероизам наспроти тиранијата. Од нас денес се бара да имаме фунционални институции, законите да важат подеднакво за сите, и општествени реформи од кои благодет ќе видат граѓаните, а, не само оние кои се привилегирани, порачува Пендаровски.

Крајно време е, нагласува Пендаровски, да потврдиме дека сме способни и во практика, а не само со зборови да се справиме со сериозните проблеми со кои се соочуваме во долгиот тунел на транзицијата која никако да ја завршиме. 

- Државата има многу умни и доблесни луѓе со образ, луѓе домаќини кои можат да го обноват духот на македонската република врз основа на темелните уставни и општоцивилизациски вредности. Само така ќе го зачуваме зрното надеж дека по повеќе од 3 децении конечно ќе имаме европска и демократска Македонија во која младите ќе сакаат да живеат и просперираат. Убеден сум дека имаме и сили и волја за такво нешто! Нека ни е честит Денот на независноста! Да ни е вечна македонската република, се вели во видео - честитка до граѓаните од Пендаровски по повод 8 Септември, Денот на независноста.


Слично

Поврзани вести