Економија, финансии, бизнис

Контакт

Какви надлежности ќе има Љупчо Николовски во борбата против корупцијата?

Какви надлежности ќе има Љупчо Николовски во борбата против корупцијата?

Љупчо Николовски со изгласувањето на новиот владин состав синоќа во македонското Собрание официјално е вицепремиер за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, нова функција во новата Влада што ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, при што многумина прво што се запрашаа кои ќе бидат надлежностите и овластувањата на генералниот секретар на СДСМ.

„Свесен сум дека иако се исклучително важни, човечките ресурси и политиките за одржлив развој не привлекуваат толку внимание како борбата против корупција, сфаќам зошто изминативе денови тој дел од називот на мојата функција беше во преден и единствен план. Како човек задолжен да ги координира напорите на институциите од извршната власт задолжени за борба против криминал и корупција, како и човек кој треба да алармира на можни случаи на висока корупција, не бегам од одговорност и подготвен сум за работа“, напиша синоќа поранешниот министер за земјоделство на својот профил на Фејсбук веднаш по гласањето во Собранието.

Во горенаведеното може да се заклучи дека Николовски и неговиот кабинет ќе ги координираат институциите во борбата против корупцијата, но дополнително вели дека и самиот ќе ги детектира корупциските случаи.

„Борбата ќе се води преку многу канали. Широка и обврзувачка транспарентност, заштита на слободата на медиумите, институционална поддршка на силна и независна ДКСК, немање толеранција при откриени злоупотреби итн.
Целта ни е да градиме систем кој одвраќа од злоупотреби и јасно ја лоцира одговорноста. Да јакнат граѓаните и институциите, а да се намалуваат дискреционите права и моќта на политичарите и носителите на јавни овластувања.

Ќе инсистирам на зголемена транспарентност на сите нивоа на власт, на намалување на дискреционите права на функционерите, и ќе се обидам да реагирам на сите сомнежи околу злоупотреба на позиција или моќ“, додава Николовски.

Тој објаснува и дека ќе работи со инспекторатите и дека ќе ја подобри нивната организираност кога станува збор за надлежностите.

„Меѓу другото, имам обврска да бидам вицепремиерот кој ќе ги координира активностите на инспекторатите за да обезбедиме нивно целосно и професионално функционирање. Премногу е одомаќинето оправдувањето „не е до мене / што можам јас тука“ и многу често граѓаните имаат проблем, а добиваат само оправдување дека друг е надлежен, дека друга институција не постапила како што треба, добиваат само кревање на раменици итн.

Сепак, во ниеден момент не би сакал да се намали важноста на останатите задолженија. Називот на оваа нова позиција ги содржи со себе и одржливиот развој и човечките ресурси. Можеме сите други политики да ги направиме како што треба, сè додека немаме одржлив развој и напредок во образованието, заштитата на животната средина, дигитализацијата, здравствениот систем, условите за водење бизнис, што фајде ќе имаме од сето тоа?“, вели Николовски.


Слично

Поврзани вести