Каква трансформација сe планира во УБК?
Монополот во прислушувањето кој го има УБК мора да се одземе за да се воспостави владеење на правото и демократските вредности, се согласија учесниците во научно-стручната дебата „Безбедносни дијалози за процесот на трансформација на Управата за безбедност и контраразузнавање и механизми за контрола на следењето на комуникациите“.
Се подготвува нов предлог закон за реформите во УБК, кој треба да биде готов до крајот на оваа година.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски смета реформите ќе значат крај на можноста за политичка злоупотреба на управата.
Спасовски потенцира дека и Владата на Република Македонија преку низа активности, вклучително и планот 3-6-9, како и Министерството за внатрешни работи, во тесна комуникација и соработка со европските партнери отпочнаа со работа околу сите потребни нормативни, кадровски, технички претпоставки за реализација на реформите во УБК.
„Сега влегуваме во фаза кога главен збор треба да имаат експертите, професионалците, сите оние коишто со својата стручност можат да дадат соодветна контрибуција во градењето на концепт што ќе ги задоволи надежите на граѓаните за функционално општество. Држејќи се строго до начелото на отвореност, средбите, дебатите, дискусиите, конференциите како што е оваа денес, треба да ни дадат одговор – како сето тоа да се конструира и да живее во пракса“- рече Спасовски.
Според него, решавањето на ова прашање е од суштинско значење.