Каква судбина ќе има Рашковски, имал ли овластување да преговара со Леонардо
Каков исход ќе има случајот со генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, дали тој ќе биде разрешен, дали самиот ќе си оди и ќе се докаже ли дали имал какво било влијание во тендерот за италијанската компанија Леонардо склучен со М-НАВ. Додека тој тврди дека е невин и ништо не правел без инструкции од Владата, премиерот Зоран Заев вчера рече дека нема одлука дали треба да го разреши. Сепак вчерашната изјава е малку поразлична од таа од пред неколку дена, оти Заев сега рече дека треба да ги види аргументите и снимките, па да одлучи дали ќе бара оставка од Рашковски.
Вели дека останува на ставот дека функционерите не треба да бидат боксерска вреќа, но го спомена и етичкиот дел односно, до каде е границата и ја поминал Рашковски или не.
Во јавноста сепак до сега не излезе овластувањето што Владата му га дала на Рашковски да разговара во овој случај и да се вмеша како владин претставник.Ова, според познавачите отвора многу дилеми.
Новата „бомба“ за Рашковски ја објави порталот „Економски Лидер“. Порталот тврди дека оваа снимка е доказ дека Рашковски е свесен дека воопшто не смее да разговара со компанијата „Леонардо“, бидејќи кога се одвива состанокот компанијата се уште го нема добиено тендерот.
Од Обвинителството се уште само ги следат случувањата и велат дека ќе постапат ако утврдат елементи на сторено кривично дело.Случајот го разгледува и Комисијата за спречување на корупцијата.
