Каква соработка договорија македонската и косовската полиција?
Македонија и Косово ќе прават заеднички акции за фаќање на криминалците кои на нивните територии ќе се обидат да добијат засолниште откако сториле кривично дело. Првите луѓе на полицицијата во двете земји го потпишаа Протоколот за прекугранично гонење.
„Не сме разговарале за конкретни случаи, меѓутоа потпишувањето на овој протокол овозможува на територијата на Македонија и Косово, да не може апсолутно никој да бара засолништво. Секој што направил било каков криминал да сноси одговорност за тоа“- вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Министрите потпишаа и договор за депортација на мигрантите и на лицата со нелегален престој во земјите од каде што доаѓаат.
„Имаме заеднички приоритети како што е борбата против организирираниот криминал, тероризмот, трговијата со оружје и човечки органи“- изјави Фламур Сефај, министер за внатрешни работи на Република Косово.
Министрите не дадоа конкретен одговор дали се зборувало за кумановскиот случај или за Монструм.
