Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАКВА ПОРАКА НА ВЛАДАТА И ПРАТИЈА ТРИТЕ НАЈГОЛЕМИ БАНКИ? Еве ги деталите

КАКВА ПОРАКА НА ВЛАДАТА И ПРАТИЈА ТРИТЕ НАЈГОЛЕМИ БАНКИ? Еве ги деталите

„Комерцијална банка“, „Стопанска банка Скопје“ и НЛБ Банка во трите летни месеци ги намалиле нивните вложувања во хартии од вредност (читај државни финансиски инструменти н.з.) за вкупно 75 милиони евра! Тоа значи дека трите банки одлучиле државните хартии од вредност да ги заменат со други вложувања. Дали во овие одлуки најголемите банкари се водени само од максимилација на профит затоа што имале подобри опции за оплодување или тука има и „корпоративен  и колективен одговор“ на Законот за солидарен данок останува само да претпоставуваме...

Трите најголеми деловни банки, кои држат 70 отсто од активата на целиот банкарски пазар, летово како да го свртеа курсот во однос на своите вложувања во државни хартии од вредност. Најновите податоци за последниот односно летниот квартал (јули,август и септември) покажуваат дека кај трите најголеми банки има изразита тенденција за намалување на вложувањата во хартии од вредност.

Ако се знае, а се знае, дека најголем маркет мејкер на пазарот за хартии од вредност е државата поточно Владата преку постојаните задолжувања во форма на издавање хартии од вредност, состојбата е јасна. Трите банки во летниот период не купувале државни хартии од вредност и ја намалиле вредноста на нивните портфолија со државни обврзници и други хартии од вредност.

Најголемо намалување на вредноста на хартии од вредност има кај „Комерцијална банка“. Салдото на сметката за хартии од вредност , како вложувања, на 30 септември е за 41,6 милиони евра пониско од состојбата на 30 јуни годинава.Тоа е 8 отсто помалку во однос на состојбата на крајот на јуни. На крајот на септември вредноста на вложувањата во хартии од вредност на најголемата македонска деловна банка изнесуваат 480,6 милиони евра.

Сличен е трендот и кај НЛБ Банка, но со понизок интензитет. Вредноста на хартиите од вредност во нејзиното портофолио (видно од билансот на состојба) е за 22,1 милиони евра пониска од состојбата на крајот на јуни годинава. Процентуално (релативно) гледано кај НЛБ Банка е најинтензивно намалувањето на вложувањата во хартии од вредност и нивното ниво е за 9 отсто пониско од состојбата на 30 јуни. На крај на септември во хартии од вредност оваа банка чува 239,4 милиони евра.

Најниско намалување на вредноста на вложувањата во хартии од вредност има кај „Стопанска банка Скопје“. Но тоа е затоа што оваа банка и чува најмалку пари во хартии од вредност и во принцип во фокус на работењето во најголема мерка и се граѓаните т.е. физичките лица. Нивото на средства во хартии од вредност на крај на септември изнесуваат 189,6 милиони евра. Тоа е за 14 милиони евра помалку односно 7 отсто во споредба со состојбата на 30 јуни.

Р.Ф.


Слично

Поврзани вести