Kaква е состојбата на Македонецот кој случајно е застрелан во Белград?
Во стабилна состојба е Македонецот кој случајно е ранет при престрелката која се случи синоќа во српската престолнина Белград.
Македонската амбасадорка во Белград, Михаела Веселинов го посетила ранетиот македонски државјанин, 21-годишниот Д.Л. кој се наоѓа во Ургентниот центар во Белград. По направениот хируршки третман, тој останува на интензивна нега и е надвор од животна опасност. Заедно со него бил и негов другар, македонски државјанин кој пак не е повреден.
Двајцата синоќа случајно минувале на улицата Максим Горки во населбата Врачар во Белград, кога се нашле сред уличната пресметка на две криминални групи. Дваесет годишниот Н.Ѓ со два куршуми во грбот го ранил Македонецот, иако според извори на истрагата целта била да го застрелаат 26-годишниот А.П. кој е ранет во престрелката. За него е познато дека властите го барале со потерница поради бегство од издржување на затворската казна. Тој, според српските медиуми имал „дебело“ криминално досие.
Претходно, во полициска акција оперативци на криминалистичката полиција го уапсија Н.Ѓ. кој го изврши нападот. Тој се товари за сторени кривични дела тешко убиство во обид и недозволено изработување и тргување со оружје и распрскувачки материи. По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград му е одредена 48-часовна мерка притвор. Во Србија во последно време имаше серија инциденти со насилство.
Foto: T. Petković
