Каква беше кампањата на Пендаровски пред пет години и дали ќе ја промени стратегијата
Кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски иако подржан од најголемата опозициона партија, сепак сам ја водеше предизборната претседателска кампања пред пет години кога загуби во вториот круг за 140.000 гласови разлика од Ѓорѓе Иванов. Националниот координатор за НАТО уште еднаш ја има подршката од СДСМ, а овој пат и од ДУИ, како и од 29 други партии.
Пред пет години кампањата ја водеше без класични митинзи, со интерактивен модел, каде граѓаните прашуваа, а Пендаровски одговараше на нивните прашања. Кампањата ја започна во американски стил, на конвенцијата емотивен говор имаше и неговата сопруга, која убедуваше зошто Пендаровски треба да биде избран за претседател на државата. Прва заложба доколку стане претседател Пендаровски најави дека ќе биде подобрување на состојбата со слободата на медиумите. За името, имаше дециден став дека нема да го менува уставот иако во меѓувреме оваа ситуација суштински се промени.
Генерално, Пендаровски на средбите со граѓаните објаснуваше што тој би правел доколку би ја добил довербата од граѓаните. „Ако ги добијам изборите и ако на 27 април видам дека не ме гласале сите етнички заедници во Македонија, ќе го вратам мандатот. Моја определба е да бидам претседател на сите граѓани, а не да ги делиме по национална, верска или некоја друга припадност. Не сакам да има дискриминирани и привилегирани. Во нашата земја треба да се градат односи кои ќе гарантираат подобра иднина за младите, да им се даде шанса да не ја напуштат земјата, а оние што веќе заминале, да се вратат назад“, велеше на митинзите Пендаровски.
Настапот на Пендаровски се оценуваше како искрен и нетипичен, непосреден и срдечен, насочен кон граѓаните без разлика на нивната национална или друга определба, и тоа е нешто што го двоеше во претседателската трка. Претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски постојано беше мета на владејачката ВМРО ДПМНЕ. Гафови немаше, но она што му го забележаа е според некои бледиот настап на телевизиското соочување на претседателските кандидати на МРТВ, каде тој за дел од јавноста не ја искористил шансата за да триумфира во дуелот со неговиот најголем противкандидат Ѓорѓе Иванов. Пендаровски беше во центарот на вниманието и кога агенцијата „Рејтинг“ во својата анкета прогнозираше предност на Пендаровски во однос на Иванов, во првиот круг од претседателските избори.
Кратка биографија:Роден е на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје. Тој е доцент по меѓународна безбедност, надворешна политика и глобализација, на Факултетот за политички науки на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Набрзо откако Љубомир Фрчкоски, станува министер за внатрешни работи во јануари 1992 година, Пендаровски е поставен за шеф на одделението за аналитика на МВР, а потоа и заменик министер за внатрешни работи задолжен за односи со јавноста. Бил советник во кабинетите на поранешните претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.
